|
Лимитираната едиција на ултимативниот Focus RS500 ексклузивно наменет за љубителите на високоперформансни изведби на обичните автомобили го бележи крајот на продукцијата на Focus RS.

Официјалното медиумско лансирање на Focus RS500 и претходи на глобалната светска премиера која е закажана за автомобилскиот салон во Лајпциг за 9 април кога светската јавност за првпат ќе може да го види во живо.
Focus RS500 ќе биде произведен во серија од 500 примероци обележани со соодветна гравирана плочка поставена на централната конзола која го означува примерокот со соодветен реден број.
На овој начин јубилејно се одбележува крајот на производството на Focus RS кој заради големата побарувачка ќе достигне продукција од преку 11.000 примероци што е значително повеќе од првично предвидените 7.000 до 8.000 примероци.
Од Ford истакнуваат дека ќе биде произведена и одредена серија на примероци од предпродукција кои ќе бидат наменети за личните потреби на компанијата за промоција, примероци наменети за тестирање во одделението за развој и примероци кои ќе бидат одредени како тест возила наменети за медиумите.
Но, овие возила нема да бидат обележени за да не се наруши колекционерската вредност на Focus RS500 и да не се наруши ветената продукција од 500 примероци наменети за продажба.

Како што беше најавено Focus RS500 нуди 15% повеќе снага односно плус од 45 КС во однос на Focus RS. Па така 2.5 литарски турбо бензинец во Focus RS500 генерира 350 КС при 6.000 врт/мин. Вртежниот момент е подигнат од 440 на 460 Nm расположиви меѓу 2.500 и 4.000 врт/мин.
За да се достигне саканата снага инженерите ставиле поголем интеркулер кој обезбедува поладно и погусто полнење со воздух, поголем филтер за воздух со поголем проток, издув со поголем пречник, пумпа за гориво која обезбедува поголем проток и притисок и нова калибрација на ECU.
Обезбедувајќи моторот послободно да диши инженерите ја зголемиле моќноста со незначително зголемување на притисокот во турбо полначот и на тој начин постигнеле одличен одзив на моторот во средни вртежи потребно при нормално возење во секојдневен сообраќај и незначително зголемување на потрошувачката и емисијата на СО2.
Перформансите се соодветни на снагата: Спринт до 100 km/h за 5,6 секунди, или, 0,3 секунди побрзо од RS. Спринт до 160 km/h за 12,2 секунди и максимална брзина од 265 km/h, или, 1 km/h побрзо од RS.

Останатите технички спецификации одговараат на Focus RS. Вниманието посветено при развојот на моторот за RS со специајлно третирање на цилиндрите и коленестото вратило за намалено триење, високоперформансните клипови и клипни лостови условиле да нема потреба од дополнителни подобрувања за моторот да се носи со зголемената моќност.
Без измени остануваат менувачот, самоблокирачкиот диференцијал на Quaife, RevoKnuckle предната суспензија кај која немало потреба од дополнително поддесување и сопирачките кои се разликуваат само по црвената боја на сопирачките клешти.
Затоа Focus RS500 се разликува по мат црната боја со ефект на фолија која го прави овој автомобил од лимитираната серија уште попосебен. Специјалниот ефект на фолија е развиен од познатата компанија 3М.
Во фабрика Focus RS500 се бои во стандардна Panter Black или пантер црна метална боја и потоа се испраќа до специјализираната работилница на 3М во близина на Франкфурт каде се аплицира посебниот филм кој го создава мат црниот ефект на фолија.
Филмот на 3М се одликува со исклучителна отпорност на гребење, а во случај на оштетување дилерите на Ford низ цела Европа имаат поддршка од широката мрежа на работилници на 3М каде обучен кадар наново го аплицира посебниот филм.

Уникатната мат боја е комбинирана со црно обоените 19 инчни леснометални бандажи со метален финиш обуени во гуми на Continental со димензии 235/35 и лакираниот црн финиш на предната маска и сплитерот, шкргите на предните крила, задниот спојлер со две острила и задниот дифузор.
Впечатокот на прекумерна црнина е разбиен со сините беџови со логото на RS и со црвената бројка 500 поставена на задната врата.
Вниманието за детали се огледува и во внатрешноста на Focus RS500. Карбон финиш со логоата на RS е искористен за централната конзола на која стои плочката со бројот на примерокот, а тука е и хромираното копче за стартување на моторот.
Кожениот волан е прошиен со црвен шеф и на него е поставено синото лого RS. Црна кожа прошиена со црвен шев е поставена и на вратите, околу рачката од менувачот и рачната сопирачка. Спортските седишта пак се поставени со црвена кожа и оставаат посебен визуелен печат на кабината.
Од опремата тука е двозонски автоматски клима уред, греано предно стакло, сензори за паркирање назад, систем за контрола на притисок во гумите, автоматски предни светла и сензор за дожд, автоматско затемнување на ретровизорот, отклучување и стартување без клуч, Sony радио со CD и USB со Bluetooth конекција и говорни команди и Recaro спортски предни седишта со платнена седечка површина и кожени страници.
Од опциите тука се мултимедијалниот аудио систем со DVD и навигација со touch-screen дисплеј и Recaro спортски седишта комплетно обложени во кожа.

А за во Ford да бидат безбедни и да ги уверат клиентите дека автомобилот нема да попушти ниту под најголеми напрегања на тркачка патека направена е серија од напорни тестирања со фокус на издржливоста и употребата на тркачка патека.
Тестот на издржливост е направен на злогласната Нордшјлајфе, или како што ја нарекуваат зелениот пекол на Нирбугринг каде инженерите на Ford Team RS биле придружувани од три фабрички возачи на Ford.
За време на тестот направени се 10.000 километри околу Нордшлајфе со нон-стоп возење и застанување само за смена на возачите, без да се исклучи моторот на Focus RS500 што само по себе е еквивалент на десет последователни трки на издржливост 24 часа Нирбургринг без одмор.
Покрај доказот за издржливоста на Focus RS500 среќните сопственици ќе знаат и дека поседуваат парче автомобил способен да ја сврти патеката Нирбургринг за време покусо од 8 минути што веќе влегува во сегментот на суперспортистите.
Производството на Focus RS500 стартува во мај во фабриката на Ford во Сарлуи во Германија, додека нарачките ќе почнат да се примаат веднаш на 20 пазари во Европа меѓу кои спаѓа и Македонија.
|