|
На отворањето на годинешниот интернационален салон на автомобили во Детроит Ford го приреди најголемото изненадување, а тоа е претставувањето на новата генерација на Focus.

Според одговорните во Ford новата генерација на Focus е создадена со намера да стане најуспешниот глобален автомобил на компанијата кој на сите светски пазари ќе се продава со еден единствен дизајн.
Првиот глобален модел на Ford од ваков вид е новата Fiesta, но сепак, таа претрпе одредени измени за пазарот во Северна Америка со оглед на различните критериуми за безбедност и зачувување на животната средина.
Тоа нема да биде случај и со новата генерација на Focus тврдат од Ford. Дополнително до 2012 на истата платформа ќе бидат создадени околу 10 нови модели од семејството на Focus кои ќе му овозможат на Ford лесно да ги задоволи различните барања на пазарите ширум светот.
Да не дојде до забуна моделите наменети за различни пазари сепак ќе носат мали разлики во дизајнот. Но, за разлика од Fiesta кај која моделите наменети за Европа и Северна Америка имаат 40% различни делови, кај Focus разликата ќе изнесува само 20% различни делови.
Новиот Focus чив дизајн се потпира на C-MAX и на концептот Iosis Max ќе се продава на 122 пазари и има потенцијал да стане еден од најпродаваните модели на Ford на сите времиња. Шефот на Ford, Мулалај изрази надеж дека новата генерација на Focus на пазарите во Кина, Русија и Северна Америка ќе достигне големиот успех што моделот го ужива во Европа.
Успехот на новиот Focus според пресметките на Ford би требало да услови продажба од преку 2 милиони примероци на годишно ниво веќе во 2012. Бројка вредна за респект.
Иако новата шасија не претставува ништо револуционерно, односно е своевидна еволуција на актуелната ќе му овозможи на Focus да постави нови стандарди кога се во прашање комфорот, рафинираноста и возната динамика.
Новиот Focus ќе профитира од фино дотераната суспензија и новиот управувачки систем кој во комбинација со подвозјето ќе обезбеди уште попрецизно управување и директен контакт меѓу возачот со автомобилот.
Од Ford очекуваат дека најмногу купувачи низ светот ќе се одлучат за новиот четири цилиндричен 2.0 литарски атмосферски бензинец наречен I-4. Моторот има директно вбризгување на горивото DI – Direct Injection и независно варијабилно управување со двете брегасти вратила во глава Ti-VCT – Тwin Independent Variable Camshaft Timing.
Моторот остварува моќност од 155 КС и максимален вртежен момент од 197 Nm кои ќе се пренесуваат на предните тркала преку менувачот на Ford со две спојки PowerShift. Иако моќноста не фрла на колена од Ford истакнуваат дека многу коњски сили воопшто не биле идејата водилка при создавање на моторот.
Целта била да се постигне ниска потрошувачка и емисија на издувни гасови, висока вредност на вртежниот момент при ниски вртежи, добар одзив при ниски вртежи и висок степен на компресија од 12:1 со цел безболно користење на биоетанол, односно Е85 без дополнителни конверзии.
Без оглед што во Ford очекуваат светот да го сака атмосферскиот 2.0 литарец за во Европа се најавени новите турбо бензинци на Ford, EcoBoost со зафатнина од 1.0 до 1.6 литри и моќност од 90 до 180 КС.
Дизелската понуда ќе ја понесат модернизираните верзии на познатите 1.6 литарски и 2.0 литарски турбо дизели со моќност од 128, 168 и 197 КС. И бензинците и дизелите сериски ќе се нудат со мануелен шест степен менувач, а со доплата на располагање ќе биде и менувачот PowerShift.
Купувачите во Европа на почеток како и до сега ќе можат да избираат меѓу двете верзии на Focus, хечбекот со пет и три врати и седанот, но подоцна се очекуваат и останатите верзии како купе-кабрио, моноволумен итн.
Новата генерација на Ford опчинува со кабината која пристигнува од иднината со футуристички дизајн, чувство за масивност и цврстина и квалитетни материјали. Апликации од кожа на арматурата и масивна централна конзола.
Од иднината доаѓа и новиот интерфејс на Ford наречен MyFord кој со помош на гласовните команди и интиутивните контроли му овозможува на возачот подобро и полесно да ги користи системите за забава, за подесување или персонализација на повеќе параметри на возилото, користење на Bluetooth и Sync.
Системот MyFord кај основните верзии користи два LCD екрани од 4.2 инчи еден сместен меѓу инструментите и еден на врвот од централната конзола. Првиот се манипулира преку пет насочен контролер сместен на волан, а вториот преку ист таков поставен во средина на централната козола.
Повисоко опремените верзии покрај 4.2 инчниот LCD меѓу инструментите користи 8 инчен touch-screen на врвот од централната конзола. И во двата случаи информациите кои се прикажуваат на екранот кај инструментите се однесуваат на механичкиот дел на возилото, безбедноста потрошувачката..., додека информациите на вториот екран се однесуваат на патниците како системот за забава, клима уредот, навигацијата, комуникациските функции и слично.
Производството стартува безмалку истовремено и во Европа и во Северна Америка, а продажбата е закажана за почетокот на 2011.
|