Mercedes со своето купе со четири врати CLS повлече
нога и светот виде колку убави и практични можат да бидат новите форми за
автомобили кои се повеќе стекнуваат свои поклоници.
По неговите стапки кинисaа и во Volkswagen со новиот Passat
CC, но и во Opel со новата Insignia. Се разбира тука
своето место го здогледува и Ford и веќе најавува купе со четири врати во форма на Mondeo,
но многу позгодно.
Нормално секој од оваа тројка е автомобил по значително
пониска цена од еден Mercedes CLS, но тоа само ја потврдува успешноста
на концептот кој кај овие три производители им се нуди на пошироките народни
маси што сакаат да се возат во убав крој.
Од фотографиите може да се забележи дека новиот автомобил
значително напреднал во дизајнот и е многу поблиску до концептот Iosis кој уште
во 2005 го најави доаѓањето на новиот Mondeo.
Автомобилот го красат остри линии, огромен отвор за
ладење во предниот браник кој наликува на разјапена челуст, отвори за одвод на
топол воздух во предните крила прват забележани кај S-Max, набабрени
арки над тркалата, кров како купола и широки раменици кои го потврдуваат
атлетскиот лик.
Внатре има место за четири патници. Оние на задната клупа
седат на одвоени седишта, а сите ќе уживаат во новиот ентериер кој ќе биде
своевидна еволуција на она што сега се нуди во Mondeo.
Пристапот до багажникот е преку петта задна врата, како
кај хечбек, со што се зголемува практичноста на Mondeo.
Моторите, менувачите и подвозјето исто така претставуваат
еволуција на веќе постоечката понуда. Секако тука и не се потребни драстични
измени бидејќи динамичките карактеристики на Mondeo се едни од
најдобрите на пазарот. Но, за да се задоволи епитетот купе подвозјто ќе мора
да понуди уште малку поголема агилност.
Ford Mondeo Coupe би требало да
пристигне на пазарот во 2011, а се претпоставува дека цената ќе
стартува од околу 35.000 европски банкноти.
|