|
10.06.2007 |
Во битката против уличните тркачи Франција постигнува одлични успеси. Високите казни ги скротија француските возачи со оловна нога. Тоа го покажа истражувањето на европскиот совет за безбедност во сообраќајот.
Возачите во Франција учат да уживаат во бавното возење. Просечната брзина на магистралните патишта се намали од 94,6 km/h во 2000 година на 84,5 km/h во минатата година. Дозволената брзина е 90 километри на час.
Тоа е резултат од добро спроведените воспитни мери. Главните причини за построгото почитување на брзинските ограничувања во Франција се подобреното надгледување на сообраќајот и повисоките казни за уличните тркачи. Постои златно правило што тврди дека намалувањето на просечната брзина за еден процент го намалува бројот на тешки сообраќајни незгоди за четири проценти.
На автопатиштата во Австија, како и на магистралните патишта во Естонија, Летонија и Полска автомобилските возачи во минатите години возеле побрзо. Во борбата против алкохол зад воланот води Германија. Бројот на лица што загинале во сообраќајна незгода поради дејство на алкохол во Германија е намален од преку 1000 во 1996 година на 400 во 2005 година.
Франција предводи и во намалувањето на бројот на жртви во сообраќајот: во периодот од 2001 до 2005 година на француските патишта загинале 35 проценти помалку лица. Комисијата на ЕУ си постави за цел бројката од 41.000 жртви во сообраќајот да ја преполови до 2010 година.
|