Get Adobe Flash player

Футуристички концепт на Kia
12.02.2010

Kia на салонот во Чикаго премиерно го претстави својот футуристички концепт на plug-in хибрид кого го нарече Ray или зрак покажувајќи дека хибридите не мора нужно да имаат досаден дизајн.

kia-ray-2010-1

Под дизајнот на Kia Ray не се потпишува некоe звучно име од светот на автомобилскиот дизајн туку автомобилот е дело на тимот што работи во американскиот дизајнерски центар на Kia.

Тимот на млади дизајнери успешно се справил со задачата да создаде футуристички автомобил за четири патници. Како што истакнуваат од Kia екстериерот е составен од цела низа на високотехнолошки подсистеми.

Тука се вклучени соларните панели со фотоволтаични ќелии сместени во кровот кои со струја го напојуваат клима уредот и светлосните уреди олеснувајќи му ја работата на пакетот акумулаторски батерии кои го хранат електромоторот.

Заоблените и мазни панели го редуцираат отпорот на воздух заедно со задникот кој е инспириран од авиоиндустријата. Предницата нема отвори за воздух, но кога класичниот бензински мотор е во погон тогаш предните светла се вовлекуваат отворајќи доволно простор за да влезе свеж воздух.

Воедно комплетно затворената предница му овозможува на Ray супериорна аеродинамика кога вози на електричен погон зголемувајќи ја автономијата и максималната брзина за што помага и отсуството на ретровизори кои се заменети со камери.

Отпорите при тркалање се намалени со релативно тесни гуми со димензија 195/50 поставени на леснометални бандажи со дијаметар од 20 инчи.

Футуристичкиот дизајн на каросеријата го наследува кабината. Таа диши со светли тонови и чувство на пространост заради огромното предно стакло кое продолжува во стаклен кров.

Сите материјали кои се наоѓаат во кабината се рециклираат. Интересно е што за поставување на подот е користен филц од волна кој е одлична звучна изолација, а аудио системот кого го испорачува Infinity Audio користи посебно скроени звучници кои воопшто не се загреваат максимално искористувајќи ја електричната енергија без топлински загуби.

Kia Ray ја задвижува бензиски мотор со зафатнина од 1.4 литри и директно вбризгување на горивото со моќност од 153 КС кој снагата до предните тркала ја испраќа преку континуиран варијабилен менувач CVT.

Бензинецот е спарен со електромотор со моќност од 78 kW или 108 КС и заедно сочинуваат класичен хибриден систем. Електромоторот се напојува од пакет литиум-полимер батерии кои се полнат и со приклучување на стандардна електрична мрежа.

Батериите имаат доволно капацитет за автономија од 80 km пред во погон да се вклучи бензинецот. Со полни батерии и полн резервоар гориво Kia Ray е способна да мине повеќе од 1.200 km со просечна потрошувачка од 1,6 L/100 km.

Од Kia истакнуваат дека Ray е концепт кој никогаш нема да влезе во серија, но претставените технологии во иднина ќе бидат искористени за друг сличен модел.

 
Get Adobe Flash player