|
Audi официјално ја претстави новата генерација на својот знаменосец А8, кој иако неоддоливо наликува на секој од своите помали роднини, дефинитивно го дели дизајнот со актуелниот А4.

Причината зошто е тоа така се сокрива во стратегијата скроена од одговорните во Инголштад кои веруваат во One Style Fits All, или, еден стил за сите и истиот го пренесуваат на секој модел на Audi.
Во поддршка на оваа девиза Audi одлучи да го открие новиот А8 на глобална презентација која се одржа во Мајами, на која присуствуваа и филмските ѕвезди Кристина Ричи и Луси Лиу, целејќи пред се на купувачите на Северно американскиот пазар, но и на пазарите во Азија и во Европа.
Без оглед што наликува на развлечен А4, неспорно е дека големиот А8 го краси елеганција и рафинираност. Иако се очекуваше Audi преку А8 да донесе своевидна револуција во дизајнот, сепак, врвот на компанијата се одлучи за конзервативна еволуција која и до сега се покажуваше како добитна комбинација.
И додека од надвор наликува на А4, во кабината А8 открива дека припаѓа на класата луксузни лимузини. Тука сите сличности со А4 се избришани.
Ентериерот опчинува со дизајнот, квалитетот на изработка, посветеноста на детали, како што е амбиенталното светло кое го менува интензитетот и бојата на светлината зависно од емоциите на патниците.
Новиот А8 е олицетворение на мотото на компанијатa, Vorsprung durch Technik, или Напредок низ техника, кое првенствено се огледува во нискиот коефициент на отпор на воздух Cd 0,26 кој е на ниво на новата генерација на Toyota Prius.
Понатаму високата технологија на А8 се забележува и кога ќе засветат предните светла кои во целост користат светлечки диоди. А8 покрај светлата за возење дење користи LED и за трепкачи и за средни и долги светла.
Дизајнот на предните светла му дава неповторлив изглед забележлив дење, но уште повеќе ноќе, кој неможе да биде заменет ниту со еден автомобил на денешницата, па дури ниту со било кој друг Audi.
LED светлата на А8 значат напуштање на кружната конвенционална оптика што најчесто се користи денес кај светлосните модули и пишување ново поглавје во технологијата на светла.

Мулти медијалниот интерфејс MMI во А8 комбинира ново ниво на интелегенција која ја одликува едноставност во користењето. Тој воведува уште една пионерска иновација. Комбиниран со опционалниот систем за навигација MMI се врзува со напредните системи за безбедност и асистенција на возачот.
Што значи тоа? MMI и системот за навигација од напред ја следат зададената рута и за време на возењето ги полнат со дополнителни информации единиците за електронска контрола на автоматсккиот менувач, светлата и адаптибилната контрола на крстосување или ACC stop & go - Adaptive Cruise Control со функција stop & go.
Системот ја регулира брзината и растојанието на А8 од возилото пред себе во дијапазон од 0 до 250 km/h. Во метеж може да го успори А8 до застанување без возачот да притиска врз сопирачката. Откако возилото пред А8 ќе си замине системот сам го задвижува А8. Кога е спарен со навигацијата системот секогаш знае каде се наоѓа А8.
Собира информации од вкупно 27 електронски контролни единици од другите системи. Благодарение на многубројните информации што ги собира, системот може да препознае комплексни сценарија и да носи одлуки засновани на претпоставка со цел да му помогне на возачот правилно и навремено да реагира, или самиот да реагира независно од возачот во случај на опасност.
На автопат ако возилото пред А8 вклучи десен трепкач и успори со намера да се исклучи, ACC stop & go, ја препознава ситуацијата благодарение на сликата од камерата сместена напред и благодарение на информацијата од системот за навигација кој го препознава исклучувањето.
Во оваа ситуација повеќето конвенционални системи ќе го детектираат забавувањето пред себе и ќе почнат да сопираат прилагодувајќи ја брзината според брзината на возилото пред себе. За разлика од нив А8 во оваа ситуација најчесто продолжува да вози без воопшто да ја намали брзината, бидејќи затоа реално нема потреба.
Претставеното е само дел од напредните системи на A8 создаден околу Audi Space Frame, просторна шасија изработена од алуминиумска легура заедно со каросеријата и делови од подвозјето и 40% полесна отколку кога би била челична.
Новата генерација на алуминиумската лимузина на Audi долга е 5.137 mm, широка е безмалку два метри или 1.949 mm и висока е 1.460 mm. Меѓуоскиното растојание е поголемо во однос на претходникот и мери 2.992 mm.
Иако очигледно поголем, наполнет со побогата опрема и повеќе системи за асистенција новиот А8 успева да ја одржи тежината на ниво на претходникот, но во Audi сеуште не откриваат бројки со кои ќе се потврди тврдењето.

На почетокот во продажба влегуваат две верзии на A8 и двете со мотори со V8 конфигурација со зафатнина од 4.2 литри.
Првиот е 4.2 FSI, атмосферски бензинец со директно вбризгување на горивото и точна зафатнина од 4.163 cm3 кој остварува 372 КС и вртежен момент од 445 Nm при 3.500 врт/мин. Доволни за спринт до 100 km/h за 5,7 секунди и максимална брзина од електронски ограничени 250 km/h.
Средната потрошувачка на А8 со 4.2 FSI според фабричките податоци изнесува 9,5 L/100 km или е за 1,4 L пониска во однос на претходникот што претставува подобрување од 13% со зголемување на снагата за 22 КС.
Вториот мотор е 4.2 TDI, турбо дизел со зафатнина од 4.134 cm3 кој остварува 350 КС и вртежен момент од мрсни 800 Nm расположиви од 1.750 до 2.750 врт/мин. Тие обезбедуваат спринт до 100 km/h за 5,5 секунди, подобро од бензинецот, и иста електронски ограничена максимална брзина.
Дизелот во просек троши 7,6 L/100 km, односно 1,8 L помалку во однос на претходникот или редукција од 19% со зголемување на снагата за 24 КС.
Набрзо по стартот на продажба на А8 на двата V8 мотори ќе им се придружи и еден V6. Се работи за 3.0 TDI кој исто така е подобрен и нуди 250 КС и 550 Nm од 1.500 до 3.000 врт/мин, раст на снагата за 17 КС и на вртежниот момент за 150 Nm.
Со 3.0 TDI, А8 до 100 km/h спринтува за 6,6 секунди и во просек троши 6,6 L/100 km што е редукција од 1,9 L/ 100 km во однос на претходникот или 22%. Овој мотор доаѓа сериски со ситем Старт/Стоп.
Подоцна во гамата на А8 ќе пристигне втора варијанта на V6 TDI која ќе остварува 204 КС ќе ги задвижува само предните тркала и во просек ќе троши 6.0 L/100 km со емисија на СО2 од 159 g/km. Податоци кои до сега беа невозможни за еден ваков автомобил.
Сите мотори ќе бидат спарени со ново развиениот осум степен автоматски менувач Tiptronic со можност за мануелно менување на степените. Неговата основна задача е максимално искористување на снагата на моторот и намалување на потрошувачката за 6%.
Освен најслабиот сите мотори ги задвижуваат четирите тркала преку погонот Quattro на Audi кој 60% од снагата испраќа на задните тркала и 40% на предните. Секако овие проценти варираат во зависност од нивото на тракција на секоја од оските.

За оние кои се мераклии на поспортско возење Audi нуди Dynamic Sport Diferential или динамички спортски диференцијал можност за избор на три начини на возење, Auto, Comfort и Dynamic. Овој дифернецијал, опција кај останатите, доаѓа сериски кај 4.2 TDI.
Карактеристично за сите верзии на новиот А8 е и подобрената адаптибилна воздушна суспензија со поголеми комори за воздух која при поголема брзина го спушта автомобилот за 25 mm зголемувајќи ја стабилноста и намалувајќи го отпорот на воздух.
Леснометалните бандажи на кои стои А8 варираат од 17 до 21 инчи. Сериски кај 4.2 FSI и кај 3.0 TDI се вградуваат 17 инчни, додека 4.2 TDI носи 18 инчни леснометални бандажи. Поголемите димензии доаѓаат како опција.
Во поглед на забава и уживање во патувањето Audi го нуди аудио системот на Bang & Olufsen со моќност од 1.400 W кои се распоредуваат низ 19 звучници заедно со сабвуфер.
Audi тврди дека А8 поставува нови стандарди во сегментот. Потврдата ќе стигне од купувачите набрзо по стартот на новата година кога стартува продажбата, а ќе бидат обелоденети и цените.
|