Конечно со глава и брада е откриена замената за
екстремниот
McLaren SLR и наследникот на легендарниот супер спортски автомобил
од 1950. со сребрена ѕвезда на носот Mercedes
300 SL Gullwing.
Погодувате станува збор за новиот SLS AMG, кој после долго сокривање зад камуфлажата на тестните мулиња и
претпоставките на дизајнерите за неговиот конечен лик, се открива во целост.
Иако продажбата нема да стартува пред месец април
следната година, сепак новиот супер спортист на Mercedes со својата појава ја
возбуди светската и љубителите на автомобилска егзотика.
Веќе е јасно дека светлото на денот SLS AMG ќе го здогледа под рефлекторите на салонот во Франкфурт кога ќе поздрави
кревајќи ги крилјата, пардон, вратите високо во стил на галебови крила исто
како и неговиот далечен предок.
Вратите се дел од алуминимската просторна рамка која ја
сочинува шасијата на SLS
AMG и на која стои механиката и панелите на каросеријата
обезбедувајќи му на SLS
AMG безмалку идеален распоред на тежината предна/задна оска во
сооднос 47% спрема 53%.
Супер спортистот од 1.620 kg го задвижува
монструозниот 6.3 литарски V8 со сув картер кој произведува моќни 571 КС и мрсен вртежен момент од
максимални 650 Nm кои на задните тркала се испорачуваат преку 7 степен менувач со две спојки
поставен директно на задната оска, принцип трансаксл.
Сето ова е доволно SLS
AMG да ги катапултира двајцата патници до 100 km/h за
3,8 секунди пред да ги доведе до брзина од максимални електронски ограничени
317 km/h.
Дополнително од Mercedes наведуваат дека во нормални услови на возење просечната потрошувачка
изнесува 13,2 L/100
km. Но, не веруваме дека овој сув бројчен податок ќе ги
инстересира идните среќни сопственици.
За да се постигне посакуваната моќност од познатиот
мотор направени се одредени модификации како поставување нов систем за
вшмукување со 8 независни водови изработен од магнезиум.
Низ него вшмуканиот воздух дополнително се забрзува
креирајќи еден вид натполнење. Тука е и ново дизајнираниот издувен систем со
голем проток, како и веќе споменатиот систем за подмачкување на моторот со сув
картер.
Ново развиениот менувач пак развиен од инженерите на AMG
обезбедува голема брзина при менување со ниски загуби предизвикани од отпорите
внатре во менувачот.
Mercedes ги открива и полните димензии на својот нов спортист. SLS AMG во должина мери 4,65 m, широк е 1,95 m и висок е 1,25 m
и има меѓуоскино растојание од 2,7 метри.
Секако оние што ќе сакаат да седат зад воланот на уште
поекстремен SLS
AMG можат да одберат хауба изработена од карбон-фибер, исто
такви надворешни ретровизори.
Понатаму ентериер со детали од карбон-фибер, постегната
суспензија, ковани леснометални бандажи до десет пречки, тркачки кади и
спортски волан преслечен со превртена кожа и алкантара.
Останатите спецификации кои што ги откривме претходно
остануваат. Дополнителна новина е најавената цена за пазарот во Германија од
177.310 европски банкноти.
Покрај комплетната галерија Mercedes го претставува SLS
AMG и на видео, а љубопитните ќе можат да скројат
конфигурација според своите желби на интернет страницата http://www.mercedes-amg.com/#/sls.
|