Volkswagen го претставува Golf
VI GTI и тврди дека тој е најбрзиот, најуправливиот и највпечaтливиот Golf
GTI на сите времиња и дека сето тоа се должи на големиот технолошки напредок.
Многу нормално, а што друго би очекувале од со
технологија набиен автомобил. Новиот GTI е еволуција на
постоечкиот GTI и ги користи неговите атрибути како одскочна даска, а доаѓа релативно брзо по претставување на шестата генерација на Golf.
Под хаубата работи 2.0 литарскиот четири цилиндричен
турбо бензинец кој сега остварува 210 коњски сили и е споен со шест степен
менуелен или шест степен DSG менувач кои доаѓаат од актуелната генерација.
Дополнителните 10 коњски сили кои ќе го туркаат Golf
VI GTI доаѓаат од новиот систем за вшмукување кој е конструиран така да
овозможува дополнително разладување на компримираниот воздухот кој доаѓа од
турбо полначот и сето тоа го прави без користење на класичен интеркулер.
Покрај дополнителните 10 коњски сили моторот сега
обезбедува максималниот вртежен момент да се испорачува на уште пониски вртежи
и успева да ја намали емисијата на СО2 на 178 g/km што е за
10 g/km помалку отколку кај Golf V GTI.
И покрај зголемувањето на моќноста спринтот до 100 km/h се
задржува на 7,2 секунди, додека зголемена е максималната брзина од 235 km/h на 239 km/h.
Но, целта на инженерите во Volkswagen не била
драстично зголемување на перформансите при забрзување туку подобрување на возните својства.
Според нив новиот GTI нуди далеку попрецизно управување и лежење на пат,
поради што вредностите на попречното забрзување кое се јавува во свијоици е
поголемо отколку кај претходникот.
Ако е така тогаш тоа значи дека со Golf
VI GTI низ свијоци ќе се бришка уште побрзо и на патека ќе се остваруваат уште
подобри времиња.
Системот за динамичка контрола на шасијата или DCC
Dynamic Chassis Control на Volkswagen кој се вградува и кај новиот Scirocco му
овозможува на возачот преку копче да го регулира начинот на работа на
суспензијата и на одзивот на педалот за гас меѓу три модуси Comfort,
Normal и Sport.
Дополнително, однесувањето на автомобилот е подобрено со
вградување на диференцијал со блокада контролиран од електронска управувачка
единица наречен XDS кој ја подобрува тракцијата на предните тркала посебно
при излегување од свијок.
Секако сета оваа технологија не би запалила кај
купувачите доколку не се внимавало и на визуелниот настап на автомобилот. Лутиот
лик е постигнат со вградување на вертикални светла за магла во предниот браник,
огромниот отвор за воздух од каде се храни моторот и дополнителните отвори за
доток на ладен воздух до предните вентилирачки дискови.
Лутиот пред дел продолжува во извајани странични завеси
кои само делумно го покриваат прагот на автомбилот и се обоени во црно и
завршува назад во задниот браник со интегриран дифузор од чиви краеви штрчат
две хромирани издувни цевки.
Агресивниот стил на Golf VI GTI го
надополнуваат новите леснометлани бандажи од 18 инчи кои однатре се обоени во
т.н. пиано лак црна боја и создаваат оптичка илузија дека се поголеми за цел број. А тука се и традиционалните црвени ленти на предната маска пресечени од
беџот на VW.
Внатре останува спортскиот волан со рамно дно, спортските
седишта кои повеќе наликуваат на тркачки кади, карираните преслеки и
алуминиумските педали.
Светската премиера на Golf VI GTI е закажана
за салонот во Париз, а продажбата би требало да стартува кон средина на 2009 со
цена за околу 1.000 евра повисока од онаа кај актуелниот GTI.
И уште една новина. За клиентите на кои GTI и неговите
210 коњски сили се малку од Volkswagen го најавуваат високо преформансниот Golf
R.
|