Комплетно новиот седан на Hоnda наречен City
пристигнува и во Европа, а претставувањето пред јавноста е закажано за следниот
месец на салонот за автомобили во Истанбул.
Одбирот на настанот за премиера на својот нов седан во Honda
не го направиле случајно. Турција е најголемиот пазар голтач на седани
токму од оваа класа.
Honda City настапува во ниската средна класа и е
поставен на истата платфрома врз која почива и новата Honda Jazz. Дизајнот
влече некои од најновите елементи кои можат да се забележат на останатите
модели што доаѓаат од матичната куќа, а најголема сличност се забележува со
хибридот Honda Insight.
Во зависност од пазарот каде ќе се продава на располагање
ќе бидат два мотори.
Станува збор за два бензински агрегати со i-VTEC
технологија. Првиот е со зафатнина од 1.4 литри и испорачува 100 коњски сили,
додека помоќниот мотор од 1.5 литри остварува 120 коњски сили.
Снагата до предните тркала и кај двата мотори стандардно се
пренесува преку пет степен мануелен менувач. Секако во Honda мислеле и
на оние купувачи кои сакаат автоматика. За нив е обезбеден нов автоматски
менувач кај кого степените по желба можат да се менуваат и со палки сместени
зад воланот.
Honda City е жив автомобил. Послабиот бензинец со
мануелениот менувач до 100 km/h забрзува за 11,8 секунди, додека на автоматот му се
потребни 14, 7 секунди.
Продажбата во Турција стартува во јануари 2009, по што
може да се очекува комерцијализација и на останатите Источно eвропски пазари.
Моделите што ќе се нудат на тамошниот пазар ќе ги задвижува послабиот мотор од
1.4 литри, а цената е сеуште непознаница.
|