|
Официјалниот фабрички тјунер на Honda, легендарниот Mugen го прикажа најавуваниот аеродинамичен кит за спортскиот хибрид CR-Z, но и други измени кои се сокриваат под каросеријата.

Mugen својата верзија на Honda CR-Z ја нарекува Hybrid Advanced Sports и ќе се нуди како опција низ целата дилерска мрежа на Honda во Европа. Ова значи дека паралелно со стартот на продажбата на CR-Z во Македонија и нашите купувачи ќе можат да ја одберат оваа опција.
Аеродинамичкиот кит на Mugen се состои од додаток на предниот браник со интегриран сплитер, трапезоидни отвори за воздух за ладење на сопирачките и светлечки диоди за возење дење во склоп на маската.
Поставени се нови странични завеси и нов голем спојлер на кровот и интегриран дифузор во задниот браник. Со нов дизајн карактеристичен за Mugen се одликуваат и леснометалните бандажи кои го комплетираат спортксиот настап на CR-Z.
Секако измените не се однесуваат на подобрување на визуелниот идентитет. Од Mugen подготвиле и тјунерски кит за зголемување на снагата на моторот, нова суспензија и нови сопирачки со поголема снага на сопирање.
Измени има и во ентериерот. Најзабележливи се новите инструменти со бела подлога поставени централно на арматурата, а тука се и незибежните тркачки кади со логото на Mugen.
Најдоброто кај Mugen е што како и кај останатите модели така и пакетот за доработка на CR-Z може да се нарачува одделно и откако веќе ќе се купи обичната сериска верзија.
Па така во зависност од желбите на сопственикот CR-Z прво може да добие аеродинамичен пакет, па нова суспензија, па тјунинг на моторот, па помоќни сопирачки, или пак, може да се почне од уредување на кабината, или пак, некој поинаков редослед. Се зависи од Вас.
Honda најавува стар на продажбата на CR-Z во Европа во текот на летото, додека тјунерскиот кит на Mugen ќе биде на располагање на есен.
|