Get Adobe Flash player
Honda Insight нов глобален хибрид
05.09.2008
honda-insight-hybrid-1.jpgHonda одлучи на светот да му го доближи својот нов концептен хибрид кого планира да го претстави на салонот во Париз, а подоцна и да го комерцијализира како сериски автомобил.

Концептот што ќе биде прикажан е Honda Insight Hybrid и кога ќе стартува продажбата ќе го носи истото име како и неговиот претходник Insight.

Во Honda тврдат дека Insight Hybrid носи стилски карактеристики веќе прикажани на моделот FCX Clarity кого го задвижува водород, но на прв поглед концептот е неверојатно сличен со актуелната генерација на Toyota Prius, најпродаваниот хибрид на светот.

Изборот на дизајнот не е случаен бидејќи Honda Insight Hybrid кога ќе се појави на пазарот на нишан ќе ја има токму Toyota Prius.

Според инженерите кои работат на проектот Honda Insight Hybrid е конструирана така за да има многу ниско тежиште од што профитираат возните својства и да има доволно простор во кабината за удобен превоз на пет возрасни патници.

Движечка сила на Insight Hybrid ќе биде последната генерација на хибридната технологија на Honda, IMA - Integrated Motor Assist кај која инженерите успеале значително да ги намалат трошоците за производство.

Од Honda уверуваат дека Insight Hybrid ќе биде најефтиниот хибриден автомобил што до сега се појавил на пазарот. Секако при тоа го имаат на ум пазарот во САД кој е најголемиот голтач на хибриди на светот.

„Оригиналната Honda Insight беше пионер во воведувањето на хибридната технологија на пазарот во САД и останува да биде симбол на посветеноста на Honda во создавањето на иновативни технологии и смалувањето на потрошувачката,” изјави извршниот директор на Honda, Такео Фукуи по повод откривањето на Insight Hybrid.

„Новиот Insight повторно ќе ги направи пионерски чекори, но сега како најефтиниот и најдостапниот хибрид на пазарот кој ќе нуди одличен сооднос на вложено и добиено,” додаде Фукуи во своето излагање.

Honda Insight Hybrid стартува со продажба следната пролет, но прво во САД и тоа по цена значително пониска од цената на Civic Hybrid 22.600 долари и Prius 21.500 долари.

Во Европа и на останатите пазари ширум светот Insight Hybrid ќе се појави во втората половина на 2009.

Планот на Honda е на годишно ниво да продава околу 200.000 возила од кои околу половина би завршиле во Северна Америка. Понатаму во плановите на Honda е зацртано и претставувањето на еден спортски хибрид поставен на основата на концептот CR-Z.

Со вакви проценки севкупната продажба на хибриди на јапонскиот производител би требала да порасне на околу 500.000 примероци годишно или околу 10% од севкупната глобална продажба на Honda на годишно ниво.


 

 

 

Facebook