|
Hyundai е во завршна фаза на тестирање на комби верзијата на автомобилот од ред на i40, или модел за нас повеќе познат како Hyundai Sonata која веќе се продава на пазарот во Северна Америка.

За во Европа, Hyundai ја прекрстува Sonata во i40, а амбициите на јужно корејскиот производител се автомобилот да стане сериозен конкурент во својот сегмент кога ќе се појави на пазарот.
Нешто слично како останатите модели на Hyundai од редот „i”. Моделот i40 се очекува донекаде да биде дизајнерски различен од Sonata и ќе се нуди во две верзии како седан и како комби.
Шпијунските фотографии на кои е претставен уловениот модел откриваат дека амбициите на Hyundai не се без основа. Иако сокриен пот масивна камуфлажа, сепак кај i40 се надѕираат одредени дизајнерски елементи кои ветуваат многу.
Првично се забележуваат предните светла со вкомпонирани LED светла за возење дење кои како лак се протегаат веднаш под проекторските леќи оптика која се разликуваа од онаа на Sonata и наликува на Sonata Hybrid.
Се очекува и предната маска да биде рестилизирана. Таа би имала помали димензии и помалку хром што повеќе им одговара на купувачите од Европа, отколку на американците кои се мераклии автомобилот да блешти.
Одзади единствено може да се забележи дека станува збор за комби изведба, бидејќи задникот навистина е забарикадиран. Според извори од Hyundai задникот најмногу ќе допринесе за спортскиот лик на i40 бидејќи обилува со стилизирани задни светла со агресивна оптика и елегантна линија на кровот.
Се говори дека под хаубата покрај новиот атмосферски бензинец од 1.6 литри со директно вбризгување на горивото ќе се вградува и ново развиен турбо дизел од 1.7 литри кој ќе остварува 140 КС.
И двата мотори снагата ќе ја пренесуваат до предните тркала преку шест степен мануелен менувач, или преку исто така новиот шест степен автоматик кого го користи и Sonata Hybrid, но и обичната Sonata.
Интересно е што Hyundai сака на пазарот во Европа првично да ја претстави комби изведбата на i40. Тоа би се случило на пролет следната 2011, додека седанот i40 би пристигнал на есен 2011.
|