|
Британскиот електромобил Delta E4 Coupe конструиран од компанијата Delta Motorsport стапува на сцена со цел годинава да учествува на конкурсот за еколошки чисти автомобили X-Prize.

Конкурсот X-Prize годинава се одржува по петти пат во организација на осигурителната компанија од Калифорнија, Progressive Insurance, а годинава условите за учество се автомобиот да е спремен за сериско производство и да може да мине 320 km со едно полнење на акумулаторите.
На конкурсот ќе се пријавуваат електрични автомобили од цел свет, а победникот ќе биде соопштен во септември. Лани на X-Prize учествуваа компании како Tesla, ZAP, Loremo, Aptera, a годинава учеството го најавија и Ford со Escape, Renault со ZE, Nissan со Leaf и други.
Електромобилот на Delta Motorsport, Delta E4 Coupe веќе ги започнува првите тестови, а прототипот којшто ќе биде подготвен за сериско производство ќе биде претставен во април и ќе замине на првата етапа од X-Prize која се вози во Мичиген, САД.
Во моментот нема многу податоци за Delta E4 Coupe. Од производителот пристигнува само компјутерски генерирана фотографија и предвидувања на конструкторите во кои стои дека Delta E4 Coupe ќе вози со максимална брзина од 160 km/h.
Она што е највпечатливо кај Delta E4 Coupe е неговото забрзување до 100 km/h за помалку од 5,0 секунди.
|