|
Кон средина на годината пишувавме за партнерството меѓу Toyota и Aston Martin од кое требаше да произлезе микро автомобил поставен на основата на iQ, но кој ќе ги носи обележјата на еден AM.

Автомобилот беше наречен Cygnet и на првата официјална фотографија можеше да се забележи дека дизајнерите на Aston Martin го работеа во глина поклонувајќи му ги препознатливите линии на чистокрвните спортисти кои доаѓаат од островот.
Денес глината ја нема. Таа е заменета со ламарина скроена по ист терк во која се препознава концептот на Aston Martin, Cygnet кој сеуште е во фаза на развој, но во компанијата се надеваат дека ќе биде готов за во серија некаде следната година.
Cygnet e вистински Aston Martin во мало пакување. Иако перформансите се далеку од еден спортист или еден GT. Потеклото се препознава по внатрешноста која е олицетворение на рачно изработен луксуз еквивалентен на тој во останатите модели на Aston Martin.
Во Aston Martin сеуште не сакаат да откријат ништо за Cygnet освен неколку официјални фотографии. Единствено истакнуваат дека под хаубата на Cygnet ќе работат штедливи мотори со ниска емисија на издувни гасови.
Од тука се гледа и причината зошто Aston Мartin се впушта во еден ваков проект. Таа е намалувањето на емисијата на издувни гасови во целата гама на производителот со цел задоволување на строгите регулативи на Европската унија кои ќе почнат да важат од 2012.
Овие регулативи најмногу ќе влијаат токму на производителите од калибарот на Aston Martin, односно Ferrari, Lamborghini и Porsche. Но, за разлика од Aston Martin кој е самостоен, останатите три монденски марки можат да ги здружуваат емисиите на СО2 со другите сестрински компании како Fiat, Audi и Volkswagen и оттука да извлечат полза.
Сепак, без оглед на причините на Aston Martin за создавање на мал автомобил Cygnet нема да биде големо сериски продукт. Него ќе можат да го купат само клиентите кои веќе се сопственици на Aston Martin или веќе порачеле некој модел.
Затоа производството на Cygnet ќе биде лимитирано на само 2.000 примероци годишно, а цената ќе се движи околу 22.000 евра. Секако посебните желби ќе се наплаќаат посебно.
Светската премиера е закажана за салонот во Женева.
|