Мислењата околу хибридите се поделени. Некои ги сметаат
за вистински зелени превозни средства, а други за тренд на еко поп култура која
рапидно се развива во современиот свет.
Без оглед на мислењата околу значењето на хибридите, вистинските
автомобилиски ентузијасти ќе заклучат две работи. Тие се технолошки напредни
возила, но и се подеднакво здодевни. Доколку се трага по автомобилска возбуда
се оди на друго место.
Секако и ова тврдење не е во потполност точно, барем кога
ќе се спомене одамна заборавената белгијска марка Imperia, односно
нејзиниот најнов концепт на хибрид наречен кратко GP.
Според инженерите на фирмата Imperia GP комбинира
еколошка свест и перформанси кои до сега не успеал да ги достигне ниту еден
производител. Концептот го задвижува 2.0 литарски V4 мотор кој
остварува 176 коњски сили и вообичаено за хибрид истиот е врзан со
електромотор.
Системот во Imperia го нарекуваат PowerHybrid или моќен
хибрид кој во атмосферата испушта едва 87 g/km СО2 и е
способен да вози во симбиоза на бензин и електрика или само на електрика чии
батерии имаат можност да се полнат со струја од редованата електрична мрежа.
Полнењето на напон од 220 V трае четири
часа, а батериите дополнително се дополнуваат и од бензинскиот мотор, но и при
сопирање.
Најинтересниот дел кај Imperiа GP е
просторна цевна рамка како кај тркачки автомобил која е доволно ригидна да ги
помине краш тестовите на Euro NCAP и перформансите.
Кога вози само со електричен мотор Imperia
GP забрзува до 100 km/h за само 7,1 секунди, додека соработката со бензинецот го
скратува ова време на само 4,8 секунди. Максималната брзина сеуште се сокрива,
но затоа податокот дека еден километар од стоење го минува за само 22 секунди
дополнително говори за перформансите на белгискиот хибрид.
Дизајнерот при креирањето на каросеријата дефинитивно бил
инспириран од автомобилите на Morgan и Wiesmann. Ова не лошо бидејќи класично-модерниот дизајн совршено
одговара со симбиозата на бензински и електро мотор, а на ова се надоврзува и
фактот дека компанијата последниот голем успех на автомобилскиот пазар го имала
пред околу 70 години.
|