Без сомнение Infiniti Essence
е еден од највпечатливите концепти кои беа прикажани на салонот во Женева и воедно ја покажува насоката на автомобилскиот дизајн во иднина.
Покрај фактот што Essence ги дава
смерниците на дизајнот на Infiniti во годините што доаѓаат, концептот е и совршен
роденденски подарок за прославата на 20 годишнината на луксузната марка на Nissan.
Дури и главниот дизајнер кој се потпишува под скулптурата
на четири тркала наречена Essence, Мамору Аоки, истакнува дека автомобилот всушност е
„истражување во иднината на марката”.
Затоа се надеваме дека Infiniti ќе ги
прифати новите дизајнерски смерници и во иднина ќе произведува уметнички дела
на четири тркала.
Драматичниот дизајн сокрива уште подраматична механика и
перформанси. Спортското купе со должина од 4,7 метри го задвижува хибриден
погон составен од бензински и електричен мотор кои заедно остваруваат
максимални 592 КС и ги испорачуваат на задните тркала.
Но, да се вратиме на дизајнот. Со долгата хауба, кусиот
заден дел и тенката половина која ги врзува мускулестите крила Essence ги сoдржи
сите елементи на дизајн на еден класичен спортски автомобил.
Еден од најубавите детали на автомобилот, страничните
отвори за одвод на топол воздух својот едноставен дизајн го должат на kanzashi иглата со
која жените во Јапонија ја собираат косата кога носат кимоно.
Агресивноста на купето ја нагласуваат предните светла во
форма на латиничната буква L поставени на предните крила, чив горен агол завршува со
ред од светлечки диоди кои делуваат како острица.
Одзади флуидната форма на светлата се претопува во
каросеријата, додека спојлерот вкомпниран во задната врата, хромираните издувни
цевки и дифузорот ја надополнуваат агресивноста од предниот дел од Essence.
Дизајнерите сакале минималистичкиот пристап во креирањето
на автомобилот да го задржат и во кабината. Затоа за креирање на внатрешноста е
ангажирана модната куќа Louis Vuitton.
Асиметричната кабина е поделeна во два дела одвоени со
масивна централна конзола која полека се издига угоре и се спојува со
централниот дел на арматурата.
Резултатот на овој дизајн се две одделни чаури од кои
онаа на возачот е обоена во црна боја, додека страната на совозачот носи
препознатлива така наречена земјено црвена боја.
Воланот со рамно дно и инструментите кои потсетуваат на
хронометар го обезбедуваат потребниот спортски лик кого го дополнуваат палките
за менување на степените сместени зад волан.
Материјалите кои се користени за обложување на внатрешноста
се кожа, алкантара, рачно обработено и лакирано дрво и многу полиран и четкан алуминиум
и не само што ја разубавуваат туку и даваат племенит изглед.
Дизајнот не е единствената сфера каде што Essence блеска во
полна светлина. Тој подеднакво е горд и на својата техника. Како што рековме
хибридниот погон испорачува 592 КС доволни за фацинирачки перформанси.
Моќноста доаѓа од 3.7 литарскиот V6 со два трубо
полначи кој е врзан со електричен мотор. Моторите се споени така што
сочинуваат еден паралелен хибриден систем и дозволуваат во погон да бидат
ставени независно еден од друг.
При ниска брзина Essence вози само
на електрика и има нулта емисија на издувни гасови. Електромоторот учествува со
околу една третина од вкупната моќност на погонот.
Значи остварува моќност од 146 коњски сили, додека
преостанатите 446 КС се долг на снажниот бензинец кој се напојува преку
директно вбризгување и во кого пумпаат две турбини со променлива геометрија на
лопатките.
Електромоторот што работи во Essence и припаѓа
на нова генерација наречена 3D Motor создадена за да ги задоволи високите барања на
производителите за компактна, но моќна единица.
Резултатот на напорите на инженерите е електромотор во
форма на диск кој има два пати повисок вртежен момент отколку досегашните
конвенционални електрични мотори.
Напредната конструкција на новиот електромотор е
постигната со користење на 3D анализа на магнетското поле по што е напревено
оптимизирање на начинот на кој се поставени магнетите и електромагнетните намотки
во склопот на електричниот мотор.
Електромоторот е поставен меѓу класичниот бензинец и
менувачката кутија, а енергијата ја добива од компактна единица на
литиум-јонски акумулаторски батерии кои се сместени под подот на багажникот.
Оптимизирањето на искористувањето на енергијата во широк
дијапазон при различни услови на возење го гарантираат двете одвоени спојки кои
по потреба го вклучуваат соодветниот мотор или двата заедно.
Овој систем не бара гломазен хидродинамички претворувач
на вртежниот момент како класичните автоматски менувачи, ниту пак, бара
користење на континуиран без степен пренос по принципот на CVT менувачите
Токму затоа дополнително се зголемува одзивот на моторот
на наредбите од возачот со што значително се подобруваат перформансите и се
намалува потрошувачката.
Иднината на Essence е извесна. Можеби
не во овој оригинален облик, но сигурно е дека технологијата што се сокрива под
прекрасната каросерија ќе ја видиме во некој од сериските автомобили на Infiniti, па дури и кај Nissan.
|