|
По истрагата спроведена во САД не е најдена никаква вина кај Toyota поради што компанијата преку своите застапници низ цел свет, вклучувајќи и во Македонија, испрати соопштение кое го пренесуваме во целост.

- Министерството за транспорт на САД анализираше десетици досиеја со податоци за возила на Toyota вклучени во сообраќајни несреќи под обвинување дека ненадејно забрзуваат и откри дека, во времето на несреќите, грлата биле широко отворени и дека сопирачките не биле употребени, говорат луѓе запознати со резултатите.
Резултатите упатуваат дека некои возачи кои изјавиле дека нивните возила Toyota и Lexus излегле од контрола, по грешка притиснале на педалот за гас кога сакале да притиснат на сопирачките. Но резултатите не ја ослободуваат Toyota од два познати проблеми кои се одговорни за ненадејното забрзување на нејзините возила: лепливи педали за гас и патосници што можат да ги заглават педалите за гас за подот.
Резултатите од Националната администрација за безбедност на сообраќајот на патиштата (National Highway Traffic Safety Administration - NTHSA) вклучуваат пример од извештаите во коишто еден возач на возило Toyota изјавил дека сопирачките биле притиснати, но не успеале да го спречат забрзувањето на возилото и на крај сообраќајната несреќа.
Досиејата со податоци коишто ги анализирала NTHSA биле избрани од агенцијата, а не од Toyota, врз основа на жалбите што возачите ги поднеле до Владата.
Резултатите за Toyota, што NTHSA не ги објави, го поддржуваат ставот на Toyota дека пријавите за ненадејно забрзување во кои се вклучени нејзини возила не биле предизвикани од електронски грешки во компјутерски контролираниот систем за забрзување, како што тврдеа некои експерти за безбедност и адвокати на тужителите. Над 100 луѓе го тужеа производителот на автомобили тврдејќи дека сообраќајните несреќи биле резултат на неисправна електроника.
Сепак, службеници од Министерството за транспорт јавно изјавија дека допрва ќе треба да најдат проблеми со електрониката кај возилата на Toyota.
Даниел Смит, соработник-администратор за истражување, минатиот месец пред панелот на Националната академија на науки изјавил дека тестирањата на агенцијата за ненадејното забрзување сe уште не откриле други дефекти кај возилата освен оние идентификувани од компанијата: педали фатени од патосниците и „лепливи“ педали за гас кои бавно се враќаат назад.
„И покрај нашите истраги, ние сe уште не успеавме да најдеме дефект – во електронски контролираниот систем за забрзување”, изјавил г. Смит пред научниот панел којшто ги истражува потенцијалните предизвикувачи на ненадејното забрзување.
Минатата недела Toyota објави дека презела чекори за подобрување на квалитетот на возилата, вклучувајќи и преместување на 1.000 инженери во нова група којашто ќе се обиде да ги идентификува проблемите.
|