|
По повод прославата на 40 години од појавувањето на спортското купе на Nissan, Datsun 240 Z, јапонскот производител одлучи да претстави специјална јубилејна серија од актуелниот спортист 370 Z.

На пазарите во САД и во Јапонија Nissan веќе ги претстави специјалните јубилејни серии на 370 Z. Сега на ред е и Европа. Само за европскиот пазар создадена е специјална серија наречена Black Edition.
Купувачите на стариот континент 370 Z Black Edition го добиваат во темно сив метален лак кој според одговорните во Nissan е екстремно отпорен на гребаници и има способност сам да ги излекува помалите гребаници.
Надворешниот лик го потполнуваат леснометалните ковани бандажи со дијаметар од 19 инчи кои ги испорачува RAYS кои ги нагласуваат црвените сопирачки клешти, кои пак, ги зафаќаат новите поголеми дискови.
370 Z Black Edition и припаѓа на моделската 2010 за која Nissan обезбеди помоќни сопирачки, почувствително управување и задоволување на нормите Euro 5 на 3.7 литарскиот V6 со 332 КС кои на 370 Z му обезбедуваат максимална брзина од електронски ограничени 250 km/h и спринт до 100 km/h за 5,3 секунди.
Моторот е спарен со шест степен мануелен менувач кој потеклото го влече од светот на мотоспортот и е синхронизиран со моторот преку електронска контрола на бројот на вртежи Synchro Rev Control која го информира возачот кога е вистинското време да се префрли овозможувајќи перфектно менување на степените во сите возачки ситуации.
Секако како опција на располагање стои и седум степен автоматски менувач со можност за мануелно менување на степените преку палки сместени зад волан.
Специјалната едиција доаѓа со седишта поставени со црвена кожа, облоги на вратите поставени со црвена превертена кожа и црвени шевови на воланот, централната конзола и кожата на менувачот.
Тука е и премиум аудио систем кого го испорачува BOSE во комбинација со систем за навигација опремен со хард диск со капацитет од 9.3 GB, подобрена графика, пореалистички приказ на патот и LCD од 7 инчи каде рутата се прикажува во 3D.
Покрај стандардните мапи на државите од Западна Европа, новиот систем за навигација што го носи 370 Z Black Edition е опремен со мапи кои ги опфаќаат Русија, Турција и Источна Европа.
Како посебен знак на распознавање на специјалната серија 370 Z Black Edition е и дополнителниот беџ 40th Anniverasry одзади кој стои веднаш под ознаката на автомобилот.
Од Nissan истакнуваат дека ќе бидат произведени само 370 примероци од серијата 370 Z Black Edition. Нарачките почнуваат да се примаат веднаш во сите дилерски центри на Nissan низ Европа, што значи и кај нас, додека првите примероци ќе почнат да се испорачуваат од месец април.
Цената што ја одредува Nissan за 370 Z Black Edition е 33.645 британски фунти за верзијата со мануелен менувач или 35.045 фунти за автоматикот. Или преведено во евра околу 38.500, односно околу 40.100 европски банкноти.
|