|
Проценките се остварија. Кина ќе ја надмине Германија по продажба на луксузни автомобили и ќе се најде на второ место веднаш зад САД, а германското трио води битка за поголем пазарен колач.

Брзиот економски раст ја претвори Кина во пазар со најголем раст на продажба на луксузни стоки, а меѓу нив и луксузни автомобили. Токму затоа трите германски производители Audi, BMW и Mercedes водат битка за превласт на кинескиот пазар.
Проценката дека Кина веќе ја престигнала Германија по продажба на луксузни автомобили сеуште не е официјално потврдена, но факт е дека Audi, BMW и Mercedes сметаат на пазарот во Кина и во САД за да ја компензираат рецесијата во Европа.
Очекувањата се дека во 2012 година во Кина ќе се продадат околу 940.000 возила кои припѓаат на премиум сегментот, додека во Германија таа бројка би била околу 910.000 автомобили. Разликата од 30.000 возила не е мала.
Затоа Audi кој продава најмногу возила во Кина и BMW и Mercedes водат жестока борба за секој кинески клиент. Заклучно со месец ноември годинава Audi во Кина продал 283.600 автомобили и бележи најголем раст.
BMW пак во единаесетте месеци продал 200.699 автомобили и бележи раст од 40%, додека Mercedes има најмал раст од 31% и остварил продажби од 170.112 автомобили.
Во целата приказна се вклопува и намерата на концернот Daimler, сопственикот на Mercedes-Benz, да продаде меѓу 5 и 10% од своите акции на кинески инвестициски фонд за да може да инвестира 2,87 милијарди долари во производство на автомобили во Кина.
|