|
BMW официјално го претставува долго очекуваниот M5 околу кого се крева фама повеќе од една година и кого октанските зависници и искрените љубители на автомобили со нетрпение го очекуваат.

Секако малкумина од нив ќе имаат прилика да го поседуваат, но да се знае за М5 и да се владее со информациите околу неговата техника е подеднакво важно како и да се сонува за него.
Да почнеме од најважното. M GmbH во новиот M5 се откажува од атмосферски мотор и според најновите текови во автомобилската индустрија под хаубата го пакува 4.4 литарскиот V8 со два турбо полначи и секој со по две турбини.
Се шпеклуираше околу моќноста. Таа е заокружена на 560 КС кои стојат на располагање меѓу 6.000 и 7.000 врт/мин. Максималниот вртежен момент носи мрсни 680 Nm расположиви од ниски 1.500 па се до 5.750 врт/мин.

Податоците говорат за неверојатна еластичност на моторот кој моќно повлекува со вртежи од подрум. Сето ова е постигнато и со високопрецизното директно вбризгување на горивото и со варијабилното управување со вентилите.
Фасцинираат и перформансите. Катапултирањето до 100 km/h се случува за 4,4 секунди, до 200 km/h за 13 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 250 km/h.
Оние кои ќе го нарачаат пакетот M Driver ќе добијат отворена верзија на М5 која е способна за максимални 305 km/h. BMW сеуште не ја открива тежината на автомобилот, но вели дека секоја коњска сила треба да турка 3,3 килограми.

Ова значи дека спортската лимузина на вага покажува 1.848 килограми, а притоа од BMW истакнуваат дека во просек троши 9,9 l/100 km, има емисија на јаглероден диоксид од 232 g/km и ги задоволува нормите Euro 5.
Статистиката покажува дека новиот М5 има 10% повеќе моќност во однос на претходникот, 30% повисок вртежен момент и 30% пониска потрошувачка постигната со обилно користење на технологијата EfficientDynamics која се состои од системот Start&Stop и функцијата за регенерација на енергијата при сопирање.
Потпирањето нуди два модуси на работа и се контролира преку системот M Drive кој паралелно со сетапот на суспензијата ги менува и карактеристиките на одзивот на моторот, управувањето, менувањето на степените, динамичката контрола и информациите кои се прикажуваат на дисплејот Head-up.

Покрај одлично избалансираното подвозје добрите динамички карактеристики се должат и на електронски управуваниот активен диференцијал со вискозни спојки кои варијабилно го распределуваат вртежниот момент меѓу задните тркала.
Со помош на ламелите потопени во масло диференцијалот е способен да го префрли вртежниот момент на едно од погонските тркала до 100 проценти во зависност од ситуацијата обезбедувајќи огромно ниво на тракција.
Сопирачките ги сочинуваат четири пливачки, вентилирани и бушени дискови кои ги зафаќаат сопирачки клешти со шест клипови напред и стандардни сопирачки клешти со еден клип назад. Со доплата се добиват карбон-керамички дискови.

За спуштање на тежиштето кровот е изработен од карбон-фибер, а динамиката е нагласена со предниот браник со огормни отвори за довод на воздух за ладење на моторот и на сопирачките.
Тука се и набабрените арки на тркалата под кои се сокрива проширената трага на оските и спојлерот на капакот од багажникот и дифузорот во задниот браник кои обезбедуваат негативен потисок при високи брзини.
Деталите како двата пара издувни цевки одзади, трепкачи сокриени во шкргите на предните крила и иникатните леснометални бандажи од 19 инчи со пет двојни пречки дополнително го нагласуваат агресивниот стил на М5.

BMW го опремува М5 со безбедносна технологија позната од Серијата 5, Серијата 6 и 7, а тука се и спортските седишта од мерино кожа, кожениот ентериер, автоматскиот четири зонски клима уред и многу комфорна опрема која доаѓа сериски.
За цената BMW сеуште молчи. Но, таа воопшто нема да биде предмет на разгледување кај оние што можат да си го дозволат. Како и да е петата генерација на М5 сигурно гази по стапките на својот далечен предок од 1984 година.
|