Get Adobe Flash player
Lamborghini Estoque концепт
07.10.2008
lamborghini-estoque-1.jpgИталијанскиот производител на суперспортски автомобили го изненади светот претставувајќи го во Париз својот најнов концепт на лимузина со четири врати која го носи името Estoque.

Овој супер седан со својата форма го руши архетипот на Lamborghini како производител на суперспортски купеа со мотор поставен во средина и погон на задните тркала.

Иако се работи за концепт во Lamborghini потврдуваат дека и серискиот автомобил, доколку доживее да влезе во сериско производство, ќе биде идентичен со примерокот прикажан на фотографиите.

Проблемот е што во Lamborghini сеуште не одлучиле дали Estoque ќе го завземе местото како трет модел во гамата на производи, бидејќи сеуште се разгледуваат можностите и опците се отворени во поглед на други модели кои за сега остануваат тајна.

Доколку одлуката падне и Estoque влезе во сериско производство ќе се фати во костец со останатите премиум суперспортски лимузини кои се очекуваат наскоро како Porsche Panamera и Astoin Martin Rapidе.

Проектот Еstoque е на почетокот од развојот и доколку одлучат да се појави на пазарот неговата конечна верзија ќе биде претставена кон крајот на 2009 или почетокот на 2010, а комерцијализацијата би била некаде во 2012.

Проценките на експертите за продажба велат дека годишно би се продавале од 2.000 до 3.000 примероци, што е вкупната продажба на Lamborghini за 2007.

Оптимистичка проценка која почива на наново пресметаните параметри на глобалниот пазар каде се очекува голем раст на продажба на ваков тип на возила и кон која шефот на Lamborghini, Стефан Винкелман приоѓа со доза на резервираност.

Според него, сепак, на крајот се се сведува на профитабилност, но: „доколку се потврди дека производството на Estoque е остварлив сон, но економска катастрофа тогаш неможеме да дадеме зелено светло на проектот,” заклучува Винкелман.

Но, доволно за економската оправданост да се вратиме на проектот Estoque. Концептот во должина мери 5,15 m, впечатлива е неговата мала висина и огромна ширина и секако предниот браник и задните светла во стил на Reventon.

Под хаубата напред, невообичаено за Lamborghini, лежи 5.2 литарскиот V10 превземен од Gallardo LP560-4 кој до сите четири тркала испраќа 560 коњски сили . Во Lamborghini откриваат дека, доколку Estoque влезе во серија под хаубата ќе забрмчи и огромниот V12 TDI на Audi , а се размислува и за V8 хибрид придобивка од припадноста на концернот VW.

Менувачот исто така несвојствено за Lamborghini e поставен зад предната оска, но инженерите не сакале да експериментираат и одиграле на сигурна карта префрлувајќи го комплетниот склоп мотор/менувач од центрот во предниот дел на шасијата.

И покрај ваквата архитектура тие уверуваат дека Еstoque е подеднакво избалансиран автомобил и дека неговите возни својства воопшто не се загрозени поради одбирот на техничките решенија.

Во кабината Estoque нуди четири независни седишта и богатство од Nappa кожа во која ќе уживаат возачот и патниците. Возачот информациите за возилото, системот за забава и за навигација ги добива преку голем LCD дисплеј.

Дисплејот по желба може да се конфигурира да ги прикажува информациите во различни формати, вклучувајќи ги тука и класичните тркалезни инструменти, или пак, модерeн компјутерски инспириран приказ.

Estoque го менува и начинот на размислување во врска со практичноста кога станува забор за еден Lamborghini. Ова значи дека одзади Estoque носи доволно голем багажник во кој можат да се сместат неколку торби за голф, кои сами по себе не се малечки, или комплетен багаж за четири патници.

Кога ќе се спојат сите доблести Еstoque може да биде исклучително корисен автомобил кој нуди спортски перформанси, можност за релаксирано патување и доволно простор за четири патници и нивниот багаж.

Скептичноста за проектот која ја нагласува Винкелман можеби е само патка за да се одвлече вниманието на конкуренцијата.

Извори од Lamborghini тврдат дека Еstoque е безмалку спремен за во сериско производство и дека на почеток под хаубата ќе работи 5.0 литарскиот V10 од обичниот Gallardo и дека погонот е на четири тркала.

Платформата на која е поставен е истата онаа на која ќе почива и новата генерација на Audi A8. Тоа значи дека шасијата е комплетно изработена од алуминиум, но претрпува доволно модификации кои ќе му овозможат на Lamborghini да ја задржи својата уникатност и репутација на чистокрвен производител на префинети суперспортски автомобили.

Обилното кристење на лесни материјали ќе му помогне на Lamborghini да ја намали потрошувачката и емисијата на јаглерод двооксид кај своите автомобили за 40% во следните 7 години, а Estoque треба да ја понесе титулата најлесната суперспортска лимузина со погон на четири тркала на пазарот.


 

 

 

Facebook