Додека автомобилскaта индустрија бележи големи загуби поради
економската криза која го зафати светот, Lamborghini делува како
да не е дел од светот на автомобилите.
Се чини дека малиот сегмент на супер спортски автомобили
кому му припаѓа Lamborghini е имун на болка и токму поради тоа
италијанскиот производител на ексклузиви забележува рекордни продажни резултати и
финансиска добивка во годината што изминува.
Официјалните податоци за вкупната продажба на Lamborghini
во 2008 ќе бидат објавени на салонот во Детроит, сепак од компанијата
истакнуваат дека ова е четврта година по ред како Lamborghini бележи
рекордни продажни резултати, рекорден профит и рекорден раст на производството
и обрт на средствата.
Без оглед што Lamborghini масовно не
произведува автомобили и припаѓа на група на производители на ексклузивни
примероци со мало сериско производство, сепак, експертите уверуваат дека никој
не е апсолутно имун на светската економска криза.
Во Lamborghini се свесни за состојбите и уверуваат
дека имаат соодветен лек. Извршниот директор, Стефан Винкелман го коментира
токму тоа.
„Нема автомобилска марка која е имуна на финансиската
криза, но за да ги избегнеме проблемите ние секогаш произведуваме помалку автомобили
отколку што пазарот бара од нас,” изјави Винкелман.
„Lamborghini никогаш не се бори со производство
да ги достигне нарачките на клиентите за тековната година. Ние секогаш сме
конзервативни во нашите предвидувања и секогаш успеваме да го зачуваме епитетот
ексклузива за нашите автомобили. Токму затоа побарувачката секогаш е голема и
списокот на нарачки долг,” завршува Винкелман.
Шефот на компанијата потврдува дека во Lamborghini нема да
има отпуштени работници, но мала задршка на производството ќе има за да се
консолидираат позициите на крајот од годината.
Затоа во Lamborghini предвидуваат мало продолжување на
божиќните и новогодишните празници.
|