Get Adobe Flash player
Летечката Ѕвезда на Bentley
03.03.2010

Bentley ја претстави својата нова летечка ѕвезда во облик на комби-купе концепт на автомобил којшто редок, но е познат од минатото и секогаш привлекувал публика која по секоја цена сака да биде посебна.

bentley-continental-flying-star-2010-1

Новиот модел наречен Continental Flying Star е продолжување на успешната приказна на семејството Continental на Bentley. Комби-купето сепак не е дело на дизајнерите на Вentley туку е визија на група италијански тјунинг екcперти.

Станува збор за производителот на каросерии од Милано, Carrozeria Touring Superleggera која се прослави по своето видување на Maserati Quattroporte во комби верзија која беше крстена како Maserati Bellagio Fastback.

Проектот Bentley Continental Flying Star започнал уште пред две години, поточно во 2008 како нарачка од еден клиент којшто барал неговиот Continental GTС да се претвори во комби.

За таа цел луксузниот спортист на Bentley е комплетно сменет од А носачот кон назад. Покрај продолжениот кров заради симетрија издолжени се и вратите чиви панели се комплетно изработени од алуминиум, а нивната челичната носечка рамка е продолжена.

Рачно од алуминиум е изработена и задната врата и комплетно е сменет задниот дел од автомобилот со склоплива задна клупа и варијабилен багажник, а поставени се и дополнителни структури за зголемување на торзиската цврстина на каросеријата и заштита при превртување.

Имено донаторот на основата за Continental Flying Star всушност е кабриолетот Continental GTC, затоа во Carrozeria Touring Superleggera се погрижиле да вградат масивен В носач кој за да не ја нарушува страничната линија е сокриен зад задното странично стакло.

Уште помасивен е С носачот кој е интегриран во кровот и покрај тоа што ја зголемува торзиската цврстина и не дозволува усукување на каросеријата игра улога на попречен стабилизатор меѓу задните тркала.

Со направената модификација на Continental GTC конструкторите успеале да направат доволно простор во багажникот во кого сега без проблем можат да се сместат четири торби за голф, што била и првичната идеја на анонимниот нарачател.

Но, тука не застанува приказната за Continental Flying Star. Од Carrozeria Touring Superleggera истакнуваат дека овој проект нема да остане како уникат и дека нивната врата е отворена и за други клиенти што ќе сакаат својот луксузен кабриолет да го претворат во комби-купе.

Заинтересираните клинети при нарачката покрај боите, материјалите и останатите детали пир уредувањето и опремувањето на Continental Flying Star ќе можат да бираат дали под хаубата ќе го задржат серискиот 6.0 литарски W12 со 560 КС, или пак ќе се одлучат за понервозната изведба со 610 КС од GT Speed и GTC Speed.

Сепак, за да се задржи ексклузивноста од Carrozeria Touring Superleggera истакнуваат дека ќе ја ограничат серијата на Continental Flying Star на само 20 примероци со стартна цена од околу 600.000 евра.

 

 

 

Facebook