Get Adobe Flash player
Lexus го претстави хибридот HS 250h
15.01.2009
lexus-hs-250h-1.jpgПретставувањето на HS 250h се случува набрзо, откако неколку дена пред крајот на годината што измина протече првичната информација за новиот хибрид на Lexus.

Одговорните во Lexus истакнуваат дека HS ценовно ќе биде сместен меѓу IS и поголемиот ES, достапен само на пазарот во САД и Јапонија. Причината зошто се спомува моделот ES открива нешто многу важно. Хибридот HS 250h нема да се продава во Европа.

Од Lexus истакнуваат дека пласирањето на моделот во Европа нема поента бидејќи емисијата на СО2 на HS 250h е слична со онаа на IS 220d, а цената е значително повисока, плус позната е наклоноста на европејците кон дизелот.

Тогаш зошто Lexus одлучи да го создаде HS 250h? Затоа што истражувањата во САД и во Јапонија покажуваат дека дури 60% од купувачите на моделот IS би се одлучиле за хибридна верзија доколку истата би се наоѓала во понудата.

HS 250h ќе го задвижува четири цилиндричен бензинец со зафатнина од 2.4 литри и моќност од 187 коњски сили во комбинација со хибридниот систем на Lexus, Hybrid Drive, кои снагата ја испраќаат на предните тркала преку континуиран варијабилен менувач.

Интересно е што Lexus сеуште не ја објавува моќноста на електромоторот, капацитетот на батериите и автономијата при возење само во електричен режим.

Од компанијата уверуваат дека тестовите покажале поголема ефикасност за 30% во однос на бензинскиот IS 250. Поголемата ефикасност е постигната со имплементирање на нов вентил за рециркулација на издувните гасови, како кај новиот Prius, со што побрзо се загрева моторот.

Понатаму предното стакло го спречува продорот на инфрацрвени зраци зачувувајќи ја внатрешноста поладна и намалувајќи ја работата на клима уредот, а светлата со светлечки диоди дополнително ја смалуваат потрошувачката на енергија.

Аеродинамиката е подобрена со поставување на панели под подот на возилото, новиот преден браник со интегриран спојлер, дифузор под задниот браник, ново обликувани А-носачи кои го смалуваат отпорот на воздух и рамни страници на каросеријата. Индексот на отпор на воздух на HS 250h изнесува Cd 0.27.

Зелената насока на HS 250h се гледа и во изборот на материјали од кои се направени 30% од внатрешноста. Станува збор за биопластика направена на база на растителни влакна.

Без оглед на зелената ориентираност инженерите во Lexus тврдат дека HS 250h може да понуди и многу возачки задоволства пред се поради новото електрично серво управување кое патем е извонредно прецизно, ревидираната суспензија и подебелите стабилизатори кои го смалуваат навалувањето во свијоци.

Сериски HS 250h лежи на леснометални бандажи со пречник од 17 инчи, додека како опција се нудат поголеми бандажи од 18 инчи.

Внатре сериската опрема покрај вообичаените благодети опфаќа и кожен ентериер, сончев кров, премиум аудио систем со мулти медиа пакет кој опфаќа Bluetooth, USB и iPod конекција.

Патниците ги чуваат 10 воздушни перници, а како опција се нуди сателитска навигација со хард диск, хедап дисплеј и широко аголна камера напред за порано забележување на возила и патници кои излегуваат од зад непрегледен агол.

Комерцијализацијата на HS 250h на пазарот во САД е закажана за средина на годината, а подоцна ќе се појави на јапонскиот пазар.


 

 

 

Facebook