Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Lexus LF-A се трка
15.05.2008
lexus-lf-a-nirburgring-1.jpgСпортскиот автомобил на Lexus кoнечно го заврши своето развојно патешествие и стартуваше на својата прва трка 4 часа Нирбрургринг која е вовед во 24 часовната трка на издржливост.

Lexus LF-A ја освои 77 позиција свртувајќи ја патеката за 9 минути и 6 секунди. И пред да се забележи дека времето е драстично послабо од она на сериските Porsche 911 GT2 и Nissan GT-R да напоменеме дека трката на издржливост се вози на комбинирана патека составена од фамозната Нордшлајфе, плус гранпри патеката на Нирбургринг каде се вози Формула 1 со вкупна должина од 24,433 километри.

Според развојниот тим трките ќе бидат дел од развојната програма на Lexus LF-A пред стапување во сериско производство на првиот супер спортски автомобил на Lexus.

До сега прототипи на Lexus LF-A се видени безброј пати како тестираат на Нирбургринг, но освен по некоја ретка фотографија сеуште ништо не се знае за автомобилот. Изворите наведуваат дека сместен напред/централно работи дериват на моторот на Toyota од Формула 1 од претходните години. Значи се работи за V10 чија зафатнина е подигната на 5.0 литри и остварува преку 500 коњски сили.

Исто така информациите што циркулираа претходно велат дека во автомобилот што ќе се произведува сериски ќе работи хибриден склоп, но какво влијание дополнителната тежина ќе има врз возните својства останува да лебди како знак прашалник.

Lexus LF-A влегува во лига каде владеат автомобили како BMW M6, Audi A8, Nissan GT-R, па мора да се очекува дека и ценовно многу ќе отскокнува од сегашната понуда на Lexus.

И со право бидејќи носи технологија која е за почит. Да повториме напред/централно е сместен V10 од Формула 1 кој моќните коњи ги испраќа до задните тркала преку трансаксл, или менувач поставен на задната оска, назад се сместени и два големи ладилници со цел добивање на што пониска силуета однапред. Со ваквата поставеност на компонентите се добива одличен тежински распоред предна/задна оска.

Моторот кој е сместен пред возачот и совозачот, но зад предната оска е врзан со трансаксл менувачот преку централна цевка (од есенцијално значење за зголемување на крутоста на шасијата и на врската мотор/менувач и воедно ги редуцира вибрациите) низ која минува погонското или карданското вратило. Станува збор за секвенцијална менувачка кутија кај која степените се менуваат преку палки сместени зад воланот.

Перформансите на Lexus LF-A сеуште се непознаница, но се претпоставува дека спринтот до 100 km/h ќе биде под 4 секунди, а максималната брзина ќе надминува 320 km/h.

Lexus LF-A своето огнено крштевање ќе го доживее на трката на издржливост 24 часа Нирбургринг која се вози на крајот од месецов, а сериската верзија наменета за продажба треба да биде претставена некаде на почетокот на 2009, по што би стартувала и комерцијализацијата.

Покрај галеријата следи и видео со Lexus LF-A од трката 4 часа Нирбургринг.


 
Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook