Get Adobe Flash player
Lotus Evora Carbon
10.03.2010

Станува збор за концепт со делови од каросеријата од карбон-фибер кого Lotus го претстави на салонот во Женева, а доаѓа непосредно пред стартот на продажбата на новиот модел спортското купе Evora.

lotus-evora-carbon-2010-1

Evora е најновото чедо на Lotus и е првиот од бел лист хартија развиен модел по претставувањето на Elise во 1995. Интересно е што Evora е единствениот модел на пазарот кој нуди 2+2 места за седење со централно поставен мотор.

Секако во Lotus оставиле избор за оние што нема да сакаат дополнителни седишта да ја добијат Evora во изведба само со две седишта и простор за оставање багаж.

Evora Carbon иако е претставена како концепт се очекува да се појави на пазарот како олеснета верзија на обичната Evora со нагласување на аспирациите на Lotus кон мотоспортот.

Концептот користи многу елементи земени на заем директно од тркачката верзија на Evora која се натпреварува во шампионатот на FIA, GT4.

Најевидентен е кровот изработен од лесниот и цврст карбон-фибер, потоа дифузорот назад и спојлерот кој воедно има улога на сплитер и е дел од предниот браник. Карбон-фибер е користен и за изработка на детали во кабината која пак е преслечена со алакнтара.

Други разлики во однос на серискиот модел се бисерната бела боја како контраст на црните панели од карбон-фибер што му дава уникатен и впечатлив лик на Evora Carbon. Секако тука се и црните ковани леснометални бандажи од 18 инчи напред и 19 инчи назад обуени во гуми на Pirelli P-Zero Corsa 225/40 и 255/35.

Останатите компоненти се исти како и кај серискиот модел. Зад кованите бандажи се сокриваат вентилирачки жлебени дискови со дијаметар од 350 mm напред и 322 mm назад кои ги зафаќаат четири клипни сопирачки клешти на AP Racing. Со доплата како дел од спортскиот пакет се добиваат бушени дискови.

Evora ја задвижува 3.5 литарски V6 атмосферски бензинец кој своето потекло го влече од Toyota, но претрпел обемни модификации за да може да ги задоволи стандардите на еден производител со спортско реноме.

Модификациите во управувачката електроника и посебно развиениот издувен систем му овозможиле на моторот да диши и да се врти послободно, да нуди брз одзив на педалот за гас и соодветна звучна кулиса.

Максималната моќност е подигната на 280 КС при 6.400 врт/мин, додека вртежниот момент испорачува здрави 350 Nm при релативно високи 4.700 врт/мин.

Моторот има доволно снага за да ја забрза 1.380 kg тешката Evora во изведба со 2+2 седишта до 100 km/h за 5,0 секунди и да достигне максимални 261 km/h со просечна потрошувачка од 8,7 L/100 km.

Моторот е спарен со мануелен шест степен менувач кој исто така доаѓа од Toyota и ја пренесува снагата до задните тркала. Со доплата спортски настроените возачи ќе можат да изберат верзија од менувачот со покус преносен однос меѓу степените за уште подобри забрзувања и меѓузабрзувања.

Под каросеријата на Evоra се сокрива модуларна шасија изработена од лепени панели на алуминимска легура. Технологија развиена од Lotus за во Elise која подоцна почнуваат да ја користат и други производители.

Предниот дел од шасијата е прикачен за телото кое го сочинува патничкиот кафез и задниот дел каде стои централно поставениот мотор и елементите од потпирањето на задната оска.

Овој модуларен преден дел или рамка е конструиран да може преку деформација да ја прифати енергијата при евентуален судар подигнувајќи ја безбдноста на максимално ниво, а воедно овозможува лесна поправка со едноставно менување и поставување на нова рамка.

На алуминиумската шасија е поставено подвозјето од двојни попречни водилки и напред и назад, врзани со гасни високоперформансни амортизери од Bilstein, кои пак се вметнати во коаксијални спирални пружини кои ги испорачува експерот Eibach.

Централното поставување на моторот овозможило креирање на дополнителен багажен простор во задниот дел на Evora со што се добива на практичност. Дека во Lotus мислеле и на младите семејства покажуа Isofix системот за поставување на детско седиште назад кај верзијата со 2+2 седишта.

Во кабината на Evora централното место га завземаат двете тркачки кади од Recaro преслечени со рачно шиена кожа која се користи за обложување на вратите, централната конзола и арматурата. Инструментите се свртени кон возачот во манир на најдобрите спортски автомобили, а кожниот волан има рамно дно.

Lotus Evora која се очекува да пристигне на пазарот во текот на пролетта би требало да чини околу 55.000 евра, додека Evora Carbon би била достапна како опција во втората половина на годината.

Lotus Evora Carbon

Lotus Evora

 

 

 

Facebook