|
Италијанската мануфактура Fornasari позната по своите посебни креации го претстави својот најнов проект, луксузниот и воедно спортски SUV означен како RR99 кого го краси уникатен дизајн.

Всушност дизајнот можеби и не е толку уникатен како останатите модели на Fornasari бидејќи дизајнерите се послужиле со детали од повеќе марки како хауба и предни светла од Corvette, задни светла од Lamborghini и слично.
Но, нема да продолжиме со набројување и оставаме секој што сака да ги открива деталите и да ги врзува со одреден автомобил. А што се однесува за оценката дали дизајнот е успешен или не, не сакаме да расправаме за вкусовите.
Интересот го насочуваме кон конструкцијата, моторот, перформансите. Fornasari RR99 е изграден околу просторна рамка од челични цевки од хром-молибден челик која обезбедува торзиска цврстина еднаква на тркачки автомобил.

Таа служи како основа за поставување на сите механички компоненти и на панелите од каросеријата и внатрешноста. Скроена е од преку 450 цевни елементи, а тежи само 150 килограми.
Потпирањето е составено од по две триаголни водилки на секое тркало има од од 240 mm и без оглед на оптоварувањето овозможува задржување на геометријата во сите услови на возење на пат и на терен.
Така без оглед на монструозните димензии кои во должина мерат 5,2 метри, во ширина 2,15 метри и во висина 1,85 метри и тежината од 1.850 kg, возачот и петте патници во кабината имаат чувство дека се возат во GT купе, а не во висок SUV.

Моќноста од 610 КС при 6.000 врт/мин и вртежниот момент од 748 Nm при 5.100 врт/мин доаѓаат од 6.0 литарскиот V8 кој припаѓа на новата генерација мотори на General Motors и е доработен во тјунерското ателје на специјалистот од САД, Mr. Cottrell.
Моторот кој е спарен со 6 степен мануелен менувач на Borg Warner, или пак, со 6 степен автоматик во зависност од желбата на клиентот. Вртежниот момент постојано се испраќа до сите четири тркала преку вискозна спојка во сооднос 40% на предна и 60% на задна оска.
На овој начин се постигнати подобри динамички карактеристики на пат со безбедност на погонот на четири тркала и акцент при управувањето како кај автомобил со погон на задна оска.

За во незгодни ситуации на лизгава подлога и на терен инженерите на Fornasari го опремиле RR99 со самозаклучувачки заден диференцијал. Колосот е псособен да спринтува до 100 km/h за 3,8 секунди и да вози со максимални 280 km/h.
За сопирање на грдосијата се задолжени сопирачки кои доаѓаат од програмата на GM, но клиентот по желба може да добие и сопирачки од Brembo и леснометални бандажи од 18, 20, па дури и од 23 инчи.
Што се однесува до уредувањето на кабината и опремата нема стандард, се зависи од желбите на купувачот. Затоа во Fornasari велат дека е неблагодарно да се истакнува и цената на еден примерок.
|