|
Новопечениот производител на автомобили од Тајван, компанијата Luxgen, откако во август месец годинава го претстави својот прв луксузен миниван, сега го најавува првиот луксузен SUV.

Компанијата за производство на автомобили Luxgen е основана на почетокот од годината поточно во јануари 2009 како луксузна марка на тајванскиот гигант Yulon Motor познат по лиценцо производство на моделите на Nissan кое датира уште од шеесетите.
Името Luxgen е кованица од Luxury и од Genius, а девизата на компанијата е „Размислувај Нанапред”, а првиот модел е големиот миниван Luxgen7 MPV, додека актуелно најавениот модел е наречен Luxgen7 SUV.
Големиот луксузен SUV кој е наменет само за пазарите во Азија треба да влезе во сегментот каде владеат модели како BMW X5, Mercedes ML или Porsche Cayenne. Секако по многу попривлечна цена.
Токму дизајнот на Luxgen7 предизвикува контроверзи во погледот на Porsche Cayenne од кого зема на заем дизајнерски детали. Од друга страна пак зема дизајнерски детали и од Hyundai ix55, или пак, сето тоа е измешано така да во него можат да се препознаат и други возила.
Но, на крај веруваме дека тоа и нема толку да им пречи на купувачите во азиските земји. Барем така велат досегашните искуства.
Бројот 7 во името на миниванот и новиот SUV, го означува кодот на платформата на која се поставени. Моторот е турбо бензинец од 2.2 литри кој испорачува 175 КС при 5.200 врт/мин и максимален вртежен момент од 270 Nm расположиви меѓу 2.500 и 4.000 врт/мин.
Снагата на предните, или на сите четири тркала се пренесува преку 5 степен автоматски менувач со можност за мануелно избирање на степените.
Luxgen7 е долг 4.800 mm, широк е 1.930 mm, висок е 1.760 mm, има меѓуоскино растојание од 2.910 mm и стои на леснометални бандажи од 18 инчи обуени во гуми со димензија 235/55.
Она што е најинтересно кај Luxgen7 SUV се цените. Најевтиниот модел со погон напред стартува од 838.000 тајвански долари или 17.500 евра, додека за најлуксузниот со погон на четири тркала треба да се издвојат 24.000 евра.
|