|
10.06.2007 |
Новите автомобили минуваат долг пат до сериската зрелост. Пустинскиот песок и жештината во Јужна Африка се предизвик за техниката, патиштата се или мизерни или совршени, а љубопитните погледи се ретки.
По тесниот макадамски пат во југозападна Намибија, на кој обично ќе помине по некој растресен теренец на секои два три часа, сега бришка една колона автомобили и зад неа се крева огромен облак од прав. Возилата не може да се препознаат ниту откако ќе се слегне сивиот облак. Се гледа само дека се преголеми, прескапи и премногу нови за овој регион. Повеќе од тоа не може да се види. И возачите нема да откријат ништо за своите возила - се работи за прототипи, држени во строга тајност.
Деновиве VW Tiguan се тестира од тимот раководен од шефот на развојот Илрих Хакенберг, на неколку месеци пред премиерата на серискиот модел на Салонот во Франкфурт. Тука мора да се докаже зрелоста на подвозјето и на електрониката на идниот компактен теренец со знак на Volkswagen.
Фотографиите што производителот ги објави деновиве сведочат дека новиот Tiguan не е бесзаб тигар од асфалтот, туку се чувствува пријатно и надвор од асфалтот. За возење во такви услови ќе се нуди верзија Track & Field, со поинаков преден дел и т.н. копче Offroad, со чие притискање електрониката на возилото се дотерува за возење по терен.
Прототипите истрчуваат беспоштеден маратон до одобрението за старт на производството, по најсуровите предели по глобусот. На планот за патување се зимски возења во северна Шведска, летна жега во Феникс и Невада или густ смог во големите азиски градови. Тука под екстремни оптоварувања се симулира еден автомобилски живот и се осигурува дека тоа што е произведено во некоја климатизирана и високомодерна хала во Германија ќе издржи и во Куала Лумпур или во Кејптаун.
Се почесто овие тест возења се вршат во Африка. Производителите добиваат совршени услови во Јужна Африка или во соседната Намибија. Не е случајност што тестирањата се вршат тука. Додека на југ е лето, во Европа е зимо. Така може да се вршат испитувања на високи температури, додека инженерите што го развиле возилото скијаат некаде на Алпите. Покрај тоа, патиштата некогаш се во совршена состојба и по правило се празни.
Некогаш за две недели се минуваат и по 25.000 километри. Но, поради лошата инфраструктура, прототипите мора да ги следи пикап заради долевање гориво.
Кога автомобили како VW Tiguan, BMW X5 или класата М на Mercedes ќе треба да покажат што умеат, на располагање стојат исушени речни корита или каменести патеки за тестирање на теренската способност во екстремни услови. И тестирањето на обичните лимузини тука може да биде од корист. На пример, при тестирањето на новата серија 7 на BMW, камчињата од макадамските патишта во Намибија често го продупчуваа резервоарот. Инженерите изведоа еден вид заштита која подоцна беше преземена во серија.
Југот на Африка има и логистички предности: временската зона е иста и актуелните резултати од мерењето или другите сознанија може веднаш да се пренесат во централата. Исто така, прототипите се заштитени и од љубопитни погледи. Во Долината на смртта во САД или во шведскиот Арјеплог, покрај професионалните фотографи сега се почесто и туристите чекаат да уловат некој прототип во својот објектив.
Автомобилските производители се добро подготвени. BMW ја користи својата фабрика во Јужна Африка како логистичка база за тест-возењата, Mercedes ги подготвува прототипите во Кејптаун, а и Audi има изградено тест-центар во Намибија.
Заради пониски трошоци, прототипите најчесто пристигнуваат со брод. Но, кога мора да се работи брзо и нема време за долги транспортни етапи по вода, колите може и да долетаат. Се шпекулира дека новиот аеродром во јужноамериканскиот Апингтон му припаѓа на некој автомобилски производител - на кој, не се знае.
Целта на тестирањето е јасна, возилата треба да се испробаат темелно пред да почне испораката на првите возила од сериско производство на клиентите. А еве што значи екстремни услови: песочни бури што на почетокот се чини дека целосно ќе го соголат лакот од возилото и по кои ветробранот изгледа како да е пескарен. Во вакви екстреми секој пропуст ќе се покаже навреме.
|