Get Adobe Flash player
Mazda MX-5 Superlight Concept
16.09.2009
mazdasuperlight-1.jpgДве децении MX-5 владее со пазарот на кабриолети и нема намера, ниту да запре ниту да го напушти тронот. Доказ е новиот концепт на тема MX-5 направен во чест на 20 годишнината на кабриолетот.

Наречен Superlight концептот претставен во Франкфурт ги следи смерниците поставени со првата верзија на славната Miata, односно MX-5. Мала тежина, одлични динамички карактеристики, прифатлива цена.

Очигледно е дека како основа за создавање на Superlight ослужила актуелната верзија на MX-5 која останала без ветробранско стакло и без платнениот кров, но затоа зад главите на возачот и совозачот штрчи по еден ролбар.

За да се задржи насоката на супер лесно како што асоцира името Superlight инженерите на Mazda го ревидирале целиот автомобил со цел да се симнат килограмите од секој непотребен детал. Поради што Superlight на вага покажува 90 kg помалку од MX-5.

Покрај смалувањето на тежината инженерите и дизајнерите се погрижиле спортистот да зрачи од секоја пора на Superlight. Затоа се поставени тркачки кади, појаси за врзување во шест точки и ретровизор во стил на тркачите од средината на минатиот век.

Комплетно се сменети и сопирачките. Вградени со вентилирачки бушени дискови и напред и назад кои ги зафаќаат четири клипни сопирачки клешти. Нив пак ги сокриваат, поточно ги откриваат леснометални бандажи со два пати по пет краци.

Понатаму Superlight добива и сосема нова суспензија со пружини и амортизери под кои се потпишува Bilstein и поширока трага за 50 mm и напред и назад со што е постигнато помало навалување во свијоци и побрз одговор на суспензијата при префрлање и нагло менување на правец.

Движечката сила ја обезбедува 1.8 литарскиот атмосферски бензинец од сериската MX-5 кој преку пет степен мануелен менувач на задна оска испраќа 125 КС и вртежен момент од 167 Nm.

Без оглед на диетата Superlight не нуди вртоглави перформанси. Забрзувањето до 100 km/h изнесува 8,9 секунди. Сепак, целта на Mazda не е да направи скап супер спортист, туку родстер кој нуди задоволство во возењето по пристојна цена.

За жал голема е веројатноста Superlight да остане во форма на концепт. Изгледите дека ќе влезе во серија, дури и со ограничен број на јубилејни примероци се навистина мали.

Апел до Mazda, Superlight да не остане единствен комеморативен примерок.

 

 

 

 

Facebook