Get Adobe Flash player

McLaren со нов болид за на улица
19.03.2010

McLaren го претстави своето најново чедо МР4-12С болид спремен да вози во редовен сообраќај и болид којшто треба да го врати McLaren на врвот на  автомобилската сцена меѓу суперспортистите.

mclaren-mp4-12c-2010-1

Иако сеуште не бледнеат сеќавањата на првиот болид на McLaren скроен за на улица McLaren F1 претставен во 1998 кој имаше три места за седење, централно поставена возачка позиција и до 2005 го држеше приматот како најбрз сериски произведуван автомобил на планетата, McLaren по долги превирања го претстави својот втор модел МР4-12С којшто ќе се произведува сериски.

Без оглед што новиот модел доаѓа во друга ера намерата не е да го симне од трон McLaren F1. Подготвувањето на достоен наследник на McLaren F1 е предизвик што во McLaren не се осудија да го превземат.

Од друга страна целта на McLaren  со новиот проект МР4-12 не беше да се освои нов брзински рекорд и да се произведат ограничен број на модели туку идејата е да се освои многу поширока публика и да се заработува.

Затоа МР4-12С влегува во класата каде треба да се фати во костец со Ferrari 458 и со Lamborghini Gallardo, a со него никнува и нова компанија за производство на автомобили со нови хајтек погони, ланец на дистрибутивни центри и нов начин на сервис за клиентите.

За сето ова треба да се погрижи McLaren Automotive компанија која ќе биде дел од McLaren Group задолжен за автомобилите хомологирани за во редовен сообраќај кои ќе доаѓаат во иднина. Значи МР4-12С нема да биде единствениот автомобил во продукција.

McLaren МР4-12С e прв од серијата суперспортски автомобили и основа на која ќе бидат развиени и ќе влезат во сериско производство други модели кои својствено за McLaren ќе бидат иновативни чистокрвни болиди за на улица. И што е најважно обилно ќе ги користат придобивките од развојот на болидите во Formula 1.

mclaren-mp4-12c-2010-2

MP4-12C е изграден околу цврста и лесна монокок шасија комплетно изработена од карбон-фибер која во McLaren ја нарекуваат Carbon MonoCell и е прв автомобил кој во сериско производство користи ваква технологија директно превземена од светот на мотоспортот.

На едноделната лесна и исклучително ригидна шасија се прицврстени предниот и задниот мост на МР4-12С кои го носат механичките компоненти, потпирањето, моторот, менувачот, сопирачките.

Од McLaren уверуваат дека ново развиениот мотор со кодна ознака М838Т кој е срцето на автомобилот има највисока специфична моќност и на МР4-12С му нуди импресивен сооднос на моќност спрема тежина.

Моторот со зафатнина од 3.8 литри, два турбо полначи и V8 конфигурација остварува моќни 600 КС и вртежен момент од 597 Nm и според инженерите на McLaren е најефикасната, најштедлива и најзелена машина во својот сегмент.

Моторот се врти до максимални 8.500 врт/мин, а 80% од вртежниот момент се расположиви од помалку од 2.000 врт/мин. Снагата се пренесува до задните тркала преку 7 степен менувач со две спојки.

Менувачот е приказна за себе и влече корени од Formula 1. Во McLaren го нарекуваат Seamless Shift dual cluth Gearbox - SSG кој снагата до задните тркала ја пренесува преку две спојки потопени во масло, има три модуси на работа плус Lounch Control.

Менувањето на степените се прави преку палки сместени зад волан. При секое менување на степените потребно е двојно притискање на палката. Со првото притискање, менувачот се подготвува за следно менување на степенот, а со второто притискање се извршува менувањето.

mclaren-mp4-12c-2010-3

На списокот на хајтек елементи е и активната суспензијата со напреден систем на контрола која го носи името Proactive Chassis Control. За суспензијата од McLaren истакнуваат дека нуди комфор на луксузна лимузина и спортски перформанси со ниво на тракција и контрола до сега невидена кај сериските автомобили.

Суспензијата се состои од двојни триаголни попречни водилки и напред и назад со спирални пружини во кои се вметнати амортизери и кои хидраулично се поврзани меѓу себе и овозможуваат поддесување во зависнот од условите на возење.

Проактивниот систем на управување овозможува да се контролира навалувањето на автомобилот без да се користат класичните челични стабилизатори. Суспензијата исто така има три модуси на работа Normal, Sport и High Performance кој нуди постојана корекција на придушувањето на ударите во реално време.

Уште една новина која допринесува за исклучителните динамички карактеристики на МР4-12С е и Brake Steer, електронски систем којшто McLaren го користеше во својот болид во F1 од 1997, MP4/12.

Овој систем функционира слично како системот ESP во обичните автомобили и ги активира сопирачките на внатрешното задно тркало кога автомобилот влегува во свијок пребрзо и го корегира радиусот потребен за свртување кога во нормални услови носот би избегал и автомобилот минал во подуправување.

Разликата во однос на стандардниот ESP е што овој систем не го придушува моторот со цел да го стабилизира автомобилот и да му даде на знаење на возачот дека прететрал.

Воедно системот му овозможува на возачот полесно да го контролира автомобилот при забрзување од свијок кога се јавува тенденција за надуправување. Во суштина системот делува како самоблокирачки диференцијал, но без неговата голема тежина и со придобивка на контролата при старт.

Збирот на сета оваа технологија резултира во автомобил тежок 1.300 kg со импресивни перформанси за оваа класа на спортски автомобили.

mclaren-mp4-12c-2010-4

MP4-12C e способен да ги катапултира возачот и совозачот до темпо 100 за помалку од 3 секунди и да извози 400 метри од 0 за 11 секунди, а максималната брзина оди преку 320 km/h.

Покрај високата технологија и импресивните перформанси McLaren МР4-12С е автомобил кој ќе нуди и високо ниво на кастомизација и ги исполнува желбите на купувачот.

Во понуда е палета од 17 бои, широка палета на бои и материјали за уредување на ентериерот, повеќе облици на надворешните ретровизори, маска, дифузор, ретровизори и кров од карбон-фибер, сопирачки клешти во три различни бои и ковани леснометални бандажи во повеќе димензии и финиш.

Тука се и сателитската навигација, скапоцен мултимедијален систем безжичен интернет, гласовни команди, спортски издув, карбон-керамички дискови со поголеми сопирачки клешти и гуми кои се користат во мотоспортот.

Цената сеуште не се открива, а производството треба да стартува кон крајот на годината, додека клиентите своите први модели ќе ги добијат во првото тримесечје од 2011.

 
Get Adobe Flash player