Многу рано се појавија официјалните фотографии на новата
генерација на E Класа на Mercedes која треба да биде претставена во Женева во март, а
да стартува со продажба на есен 2009.
Новата Е Класа се води под кодна ознака W212, а со
својот аглест дизајн треба да ги разбуди мемоарите за своите претходници, големите седани на Mercedes од 80. и 90. години на минатиот век.
Ако се суди според она што се гледа на фотографиите може
да се заклучи дека дизајнот на новата Е Класа е прилично добар. Дизајнерите
успеале во својата намера да го доловат изгледот на минатото во една современа
форма.
Сеуште нема детални информации за автомобилот, бидејќи
се работи за протечена информација, а не за официјално претставување, затоа и
фотографиите се со слаб квалитет.
Сепак, извори блиски на компанијата откриваат дека под
хаубата ќе работат модернизирани агрегати од постоечката палета, но и дека на
повидок се два сосем нови мотори.
Основната верзија на Е Класа ќе биде задвижувана од 1.8
литарскиот четири цилиндричен бензинец потпомогнат од механички компресор кој
ќе остварува 184 коњски сили.
Врвот од понудата на Е Класа ќе го претставува верзијата E63
AMG со модификуван турбо бензинец V8 кој од зафатнина
од 6.2 литри ќе истискува 550 коњски сили. Доволно за да се спротивстави на M верзијата
на BMW Серија 5.
Новите мотори ги претставуваат еден бензинец и еден
дизел. Она што се знае за нив е дека бензинецот има директно вбризгување и распоред
на цилиндри V6, а дизелот е V8 и за него се
претпоставува дека ќе остварува моќност од преку 350 коњски сили.
Отприлика една година по појавувањето на Е Класа на
пазарот паралелно ќе се појави и комби верзијата и нов хибрид кој ќе ја носи
технологијата позната од S400 BlueHybrid, но ќе биде за нијанса помоќен и
позелен.

|