|
Mercedes претствува нов концепт за претстојниот автомобилски салон во Пекинг предизвикувајќи ја светската јавност да коментира за полека да го оформи мислењето за новиот стилски печат на марката.

Новиот концепт на комби наречен Shooting Brеak е продолжување на темата начната со ConceptFACINATION од Париз минатата есен и концептот F800 кој беше претставен годинава во Женева.
Под капата на новиот дизајнерски печат на марката треба да се протнат неколку модели, наследникот на купето со четири врати CLS, неговиот помал брат SLS и цела низа на верзии кои ќе потпаѓаат под новата генерација на В Класа каде како верзија на AMG ќе стои и купе со две врати.
Shooting Brеak го задвижува еден од новата генерација V6 бензински мотори на Mercedes. Моторот има зафатнина од 3.5 литри и остварува максимална моќност од 306 КС и вртежен момент од 370 Nm.
Дизајнот на Shooting Brеak е далеку посмирен од оној на претходните концепти и може да се заклучи дека многу попрецизно ги најавува конечните линии на серискиот модел на класата SLS.
Обликот на задните крила потсетува на оној од актуелното купе на Е Класа, предните светла имаат покласичен дизајн иако од под поликарбонатот се наѕираат светлечки диоди кои ги комбинираат и светлата за магла со што се исчистува предниот браник од премногу детали.
Предните светла на Shooting Brеak се направени според иновативниот систем на Mercedes наречен Inteligent Light System и имаат пет модуси на работа: во град, на автопат, на магистрален пат со активирање на светлата за магла, активно осветлување во свијок на пат со многу свијоци и активно осветлување на крстосница.
Светлата одзади инверзно го следат обликот на предните светла и го заокружуваат шилестиот задник со положена петта врата и карактеристичните ромбоидни завршетоци на издувните цевки.
Дури и во кабината дизајнерите се држеле до покласични форми. Таму нема футуризам, а највпечатлив детал е огромната централна конзола која се протегнува се до крајот на задните седишта како кај CLS.
Така Shooting Brеak прераснува во комби/купе со четири места за седење. Багажникот е надополнување на луксузниот ентериер, но тоа не ја намалува неговата практичност надополнета со рамниот под со вметнати метални лајсни и посебни прегради со иновативна конструкција.
Mercedes во иновации го сместува и името на концептот. Во официјалното објаснување што доаѓа од компанијата е наведено да се внимава на името и Shooting Brеak случајно да не биде заменето со Shooting Brakе.
Зошто е тоа така следи обијаснување од Mercedes: „Break, односно неговиот хомоним Brake, или скрши, е име кое некогаш им се давало на кочиите кои носеле диви коњи и се користеле како зандана за да се уништи, скрши нивниот нагон да се движат за да можат да се припитомат и да се користат како работни коњи.”
„Од друга страна секое такво возило кое се користело и кога се одело на лов се нарекувало Shooting (пукање, стрелање) Brake, или Shooting Break,” го потполнуваат објаснувањето од Mercedes наведувајќи и дека во 1960. и 1970. години вакви моторизирани возила Shooting Breaks биле многу популарни во Велика Британија, а нивната практичност ја наследиле и „караваните”, комби верзиите.
Не е јасно кога Mercedes планира да го пласира Shooting Brеak во сериско производство, но веруваат дека автомобилот ќе биде инстант хит како што тоа се случи со CLS.
|