|
Mercedes пред околу една година, поточно на 16. јули 2009 најави дека работи на електрична верзија на суперспортистот SLS AMG објавувајќи ја првата скица од техниката што ќе ја користи во него.

Сега ги објавува првите фотографии и детали од прототипот којшто ќе случи за испитување во следните две години и чија финална верзија ќе влезе во сериско производство некаде во 2012.
Моќниот V8 бензинец од 6.3 литри со 571 КС и максимален вртежен момент од 650 Nm е заменет со четири електромотори со заедничка моќност од 533 КС и максимален вртежен момент од 880 Nm и максимален број на вртежи од 12.000 врт/мин.
За да не се наруши балансот на автомобилот и за да не се нарушат динамичките карактеристики на подвозјето електромоторите, секој задвижува по едно тркало, се поставени на шасијата.
Избегнато е поставувањето на електромоторите во тркалата како што практикуваат останатите производители, а вртежениот момент на тркалата се пренесува преку полувратила како кај класичните погони со диференцијал.
Така од автомобил со погон назад SLS AMG го петвориле во автомобил со погон на четири тркала. Сето ова условило уште една измена. За да можат да ги сместат полувратилата на предната оска, која кај класичната верзија е слободна, инженерите го смениле и потпирањето.
Место класичните двојни триаголни водилки со вертикално поставени пружини со амортизери SLS AMG E-Cell има мултилинк врска напред со независни попречни водилки и пружини со амортизери поставени хоризонтално и врзани преку пушрод систем како кај тркачките болиди.
Електромоторите се напојуваат од пакет на литиум-јонски батерии кои се распоредени под хаубата зад предната оска, под централниот тунел и над задната оска, односно го зафаќаат центарот на авотмобилот.
На овој начин е постигнато уште пониско тежиште од класичниот SLS AMG и подобар сооднос на распоредот на тежината на предната, односно задната оска, а над секој пар електромотори е поставена управувачката електроника.
Покрај приклучувањето на стандардната електрична мрежа литиум-јонските акумулатори во SLS AMG E-Cell се дополнуваат и преку системот за регенерирање на кинетичката енергија при сопирање и забавување.
Меѓутоа сеуште нема никакви податоци за нивниот капацитет и време траење на полнењето. Затоа се истакнува дека батериите имаат посебен систем за разладување, односно загревање во зависност од климатските услови во кои се вози.
Сета оваа техника е доволна за SLS AMG E-Cell до 100 km/h да забрза за 4,0 секунди, а до 200 km/h да ситгне за 11,0 секунди. Колку за споредба на обичниот SLS AMG до 100 му се потребни 3,8 секунди, а за до 200 10,8 секунди. Максималната брзина не се наведува.
Иако од Mercedes истакнуваат дека поставувањето на нова движечка технологија во шасијата на SLS AMG не сменило ништо во поглед на дизајнот, сепак може да се забележи нов сплитер под предниот браник, измените отвори за воздух, уникатна жолта боја, црни леснометални бандажи и странични ретровизори и најважното, заден браник без издувни цевки.
Во кабината најголемата новина е централниот информативен систем со голем LCD touch screen дисплеј кој ги обединува аудио системот, клима уредот, навигацијата и информациите за капацитетот на батериите, токот на енергијата, растојанието што може да се мине до следно полнење...
Со SLS AMG E-Cell, Audi и неговиот R8 e-Tron добиваат сериозна конкуренција која пристигнува за неполни три години бидејќи Mercedes најавува старт на продажбата за во 2013.
За на крај и цената. Mercedes SLS AMG E-Cell ќе чини околу 250.000 европски банкноти, без ДДВ. Да ги видиме властите според кој терк на моќникот ќе му ја пресметаат акцизата.
|