|
Countrymаn или Crossmаn, после Monte или Colorado, се едно од двете имиња кои ќе го красат новиот кросовер на Mini чии први протечени фотографии се најдоа на интернет далеку пред премиерата.

Иако официјалното појавување на кросоверот пред светската јавност се наближува сеуште не е јасно како ќе се нарекува новиот Mini со погон на четири тркала.
Пред повеќе од две години пишувавме дека извршниот директор на компанијата Кеј Сeглер информираше дека кросоверот ќе го носи името Crossman, но сега се шпекулира и со името Countrymаn.
Како и да е името на првиот автомобил на Mini кој ќе носи погон на четири тркала ќе го дознаеме наскоро. Она што сега е пред нас е финалната верзија подготвена за сериско производство.
Каросеријата на кросоверот на Mini ќе има четири полни врати, повишен кров и напумпани браници кои ја истакнуваат робусноста. Кросоверот ќе ја зачува традицијата на Mini и во должина ќе мери под 4 метри.
Погонот на четири тркала ќе се нарекува ALL4 и е дериват на погонот xDrive што работи во BMW X1. Кросоверот на Mini ќе се нуди во две верзии. Едната е со наведениот погон на четири тркала, а втората е само со погон напред.
Во кабината е задржан стилот на Mini со огромен брзиномер поставен централно со информациски дисплеј во средина и бројач на вртежи пред возачот. Се очекува кросоверот да биде практичен и функционален.
Светската премиера е закажана за салонот во Женева во март кога ќе бидат објавени и останатите технички детали и кога Countrymаn/Crossmаn ќе се појави на пазарот.
|