Colt, познатиот борец на Mitsubishi во класата
на мали автомобили од сега ќе го гледаме во многу посериозно издание чива
основна цел е подигнување на имиџот.
Покрај новиот имиџ рестилизираниот Colt ќе се
гордее и со повисок квалитет, подобри перформанси, пониска потрошувачка и
емисија на издувни гасови.
За сето ова да може да се оствари Mitsubishi во
освежената верзија менува дури 65% од деловите со кои новиот Colt ќе има
малку допирни точки и драстично ќе се разликува од актуелниот.
Постоечката гама мотори ќе се задржи, што значи дека под
хаубата ќе продолжат да работат бензинците од 1.1 литри со 75 коњсски сили, 1.3
литарецот со 95 коњски сили и најмоќниот меѓу нив со зафатнина од 1.5 литри и
107 коњски сили.
Паралелно моторите со зафатнина од 1.1 и 1.3 литри ќе се
нудат и во верзија со ултра ниска емисија на СО2 која во Mitsubishi
ја нарекуваат CleаrTec или чиста технологија.
Mitsubishi планира со моторите ClearTec да ги
замени постоечките дизели за кои има многу мала заинтересираност меѓу
купувачите на Colt.
Плус, моторите ClearTec во иднина
ќе добијат и Fuel-Flex верзија, а то значи дека покрај бензин како погонско
гориво ќе можат да користат и етанол или Е85.
Измените под ламарината ќе бидат означени со сосема нов
лик. Colt добива поагресивна предна маска чив дизајн се
поистоветува со оној на поголемиот Lancer и со која според
зборовите на дизајнерите на Mitsubishi, Colt потсетува
на авион ловец.
Но, измените не се однесуваат само на предната маска туку
и на предните крила и на хаубата. Комплетно нов е и задниот дел кој прави Colt да личи
како да лежи пониско и пошироко.
Измените на каросеријата ја подобриле аеродинамиката и
струењето на воздухот околу автомобилот правејќи го новиот Colt значително
потивок при повисоки брзини.
За љубителите на малечки бомби на четири тркала официјалниот
тјунер на Mitsubishi, Ralliart, подготви
специјална едиција наречена Colt Ralliart задвижувана од 1.5 литарскиот бензинец
потпомогнат од турбо полнач кој остварува максимални 150 коњски сили.
Спортската верзија наменета за сладокусци ќе се нуди и во
верзија со три и во верзија со пет врати. Модификуваната гометрија на
подвозјето, подебелите стабилизатори напред и одзади го подобрува лежењето на
пат и управливоста на Colt Ralliart и го прави далеку поагилен од
претходникот Colt CZT.
|