Get Adobe Flash player
Get Adobe Flash player
Mitsubishi Evo X FQ-400
27.05.2009
mitsubishi-evo-x-fq-400-1.jpgЅверката на Mitsubishi со преку 400 КС, специјално создадена за пазарот во Велика Британија конечно го здогледа светлото на денот и ги збудале љубителите на ваков тип спортски автомобили.

Тие почнуваат да лудуваат по новата автомобилска икона и веќе паѓаат првите спореди со значително поскапите спортски икони на четири тркала како Lamborghini Gallardo, Corvette ZR-1, или пак, Nissan GT-R.

Сето ова не е без причина бидејќи со спринт до 100 km/h за само 3,8 секунди Evolution X FQ-400 се става рамо до рамо токму со наведените спортски автомобили.

Секако за типична споредба неможе да стане збор. Сепак, се работи за различни концепти. Но воопшто не е лошо ако знаете дека со „фамилијарниот” седан со кого секојдневно го прибирате детето од градинка или одите во дуќан можете да исчурите некаков надуенко на тркачка патека.

Mitsubishi Lancer Evolution X FQ-400 како што гласи неговото полно име е најекстремната машина која што го носи потписот на јапонскиот производител.

Лесниот алуминиумски турбо бензинец со зафатнина од 2.0 литри и технологија MIVEC Mitsubishi Inovative Valve timing Electronic Control, во FQ-400 остварува бесни 403 КС при 6.500 врт/мин и максимален вртежен момент од 525 Nm при 3.500 врт/мин доволни за вртоглавиот спринт до стотка и максимална брзина која за жал е електронски ограничена на 250 Km/h.

Но, веруваме дека идните среќни и горди сопственици ќе најдат начин како да излезат на крај со електрониката пуштајќи го FQ-400 да бришка со полна пареа.

Причина за бруталното забрзување покрај перформансите моторот е и системот S-AWC Super – All Wheel Control кај погонот на четири тркала кој ја испраа снагата до она тркало кое во моментот има најголема тракција.

Исклучителната способност за совладување на свијоци на серискиот Evo X, дополнително е подбрена кај FQ-400 заради пошироката трага и пониското лежење на пат за 30 mm добиено со новите пружини на Eibach и амортизерите на Bilstein.

FQ-400 стои на леснометални бандажи со пречник од 18 инчи обуени во гуми Toyo Proxes R1R кои буквално се лепат за асфалт и дополнително ја подобруваат тракцијата.

Системот за сопирање воопшто не наликува како кај сериски автомобил. Компонентите како пливачките дискови, спортски сопирачки плочки и сопирачки клешти изработени од алуминиумска легура која се користи во авионската индустрија директно се превземини од сферата на мотоспортот.

Наведените модификации се направени со цел максимално искористување на масивната моќ на моторот. Но, да се извади толку снага од релативно мал мотор бара значителни измени по спецификации кои се карактеристични за мотоспортот.

Ремапирана е ECU, вградена е нова всисна гранка со поголем пречник и бризглаки со голем проток. Поставен е нов турбо полнач кој користи тркалачки лежишта со низок отпор на тркалање, ротор со лесно тело заради подобар одзив и лопатки способни да издржат екстремно високи температури.

Моторот се храни со ладен воздух од интеркулер со голем капацитет со што се подобруваат перформансите и ефикасноста, а врелите издувни гасови се одведуваат од моторот преку издувна цевки од не`рѓосувачки челик со пречник од 3 инчи или 76,2 милиметри и спортски катализатор.

Покрај сите модификации направени со цел продуцирање на екстремен спортски автомобил за на писта, FQ-400 треба да задоволи и други параметри потребни во секојдневието.

Возачот и патниците профитираат од Bluetooth конекција, DVD сателитска навигација со хард диск од 30 GB, автоматски светла и бришачи, автоматски клима уред и други комфорни детали што животот зад волан го прават поубав.

FQ-400 дефинитивно е најдобриот, најбрзиот, но и најскапиот Mitsubishi Evo. Цената не е мала, но сепак, е далеку од цената на супер спортските икони.

Mitsubishi Lancer Evolution X FQ-400 во Велика Британија чини 49.999 фунти или 56.908 евра според актуелна курсна листа. Продажбата стартува во јуни низ Британија.

 

 
Get Adobe Flash player

autofocus-baner
 

 

Facebook