Полека, но сигурно Mitsubishi се
доближува до идејата за создавање на електричен автомобил и затоa во Женева го
претстави Prototype i-MIEV кој е најблиску до сериска верзија.
Prototype i-MIEV е направен врз основата на електричниот
автомобил, i-MIEV кој веќе на големо се тестира во Европа и во Јапонија, но
со одредени подобрувања и најверојатно од него ќе произлезе сериската верзија
која треба да се појави на пазарот вгодина.
Новата верзија има поширока трага и поголеми превиси и
напред и назад со цел зголемување на безбедноста на пешаците при евентуален
судар, но и за зголемување на деформациските зони и зајакнување на патничкиот
кафез и подобра заштита на патниците.
Сето ова значи дека Prototype i-MIEV е малку
поголем автомобил и според инженерите во него удобно можат да се превезуваат
четири возрасни патници.
Внатрешноста е едноставна каде преовладува дизајн на
кружни форми. Снежно-белата боја однадвор и ледено-сината внатре го прикажуваат
Prototype i-MIEV како да излегол од глечер со што не потсетуваат на
неговиот еколошки имиџ.
Prototype i-MIEV го задвижува електричен мотор со
моќност од 63 коњски сили и вртежен момент од 180 Nm.
Енергијата доаѓа од литиум-јонски акумулаторски батерии од 330 V. Моторот
ги задвижува задните тркала.
Батериите ослободуваат доволно енергија за Prototype
i-MIEV да може да мине 160 km, а времето потребно да се наполнат до максимален
капацитет изнесува 7 часа на стандарден електричен приклучок.
Во развој се и литиум-јонски акумулаторски батерии со
брзо полнење кои 80% од максималниот капацитет можат да достигнат по само 35
минути полнење.
Иако Prototype i-MIEV се очекува вгодина тој нема да
пристигне во Европа. Комерцијализацијата на серискиот i-MIEV во 2009 ќе
се случи во Јапонија. Пласманот во Европа и во САД за сега е
неизвесен.
Во 2009 Mitsubishi планира да произведе 2.000 примероци, а бројката ќе се искачи до 10.000 примероци годишно во 2011.
|