|
Mitsubishi се подготвува да ја осветли Европа со серискиот i-MIEV кој веќе пристигна на Стариот континент, поточно во Британија и официјално почнува да вози по патиштата на 12 декември.

Да потсетиме станува збор за првиот електромобил направен од големосериски производител на автомобили кој има нулта емисија на издувни гасови, вози само на струја и е способен да превезува четири возрасни патници со нивниот багаж.
Има максимална брзина од 130 km/h, автономија од 130 km, ги полни литиум-јонските батерии од најнова генерација приклучен на стандардна електрична мрежа за 6 часа.
Вкупно 25 електрични автомобили пристигнуваат во Британија, поточно во покраината Западен Мидлендс каде ќе бидат вклучени во еден од проектите на тамошното управителство за Ултра ниска емисија на јаглероден диоксид.
Електромобилите ќе му бидат доделени на универзитетот во Ковентри каде во период од една година ќе се анализираат возачките навики, времето минато во возење и навиките за полнење на батериите.
Целта на проектот е да се опфатат сите аспекти кои се неопходни за масовно воведување во промет на електрични автомобили.
Тука влегува спроведување на соодветна инфраструктура од станици за брзо полнење на батериите, цена на чинење на еден ваков масовен проект на градба на станици, заштеда во реални услови, употребливоста на возилата во реални услови на користење, задоволството на корисниците...
Според известувањето на одговорните за проектот во Западен Мидлендс, Mitsubishi и неговиот електромобил i-MIEV се одбрани заради повеќе од 40 годишното искуство на јапонскиот производител во сферата на електричните возила. Програма која Mitsubishi ja започна во средина на 60. години од ХХ век.
Одлуката за спроведување на истражувањето со i-MIEV е логичен след на настаните заради употребната вредност на електромобилот кој во Јапонија успешно се користи како флотно возило во големите компании од јули месец годинава, додека за приватни корисници ќе биде достапен од април 2010.
Производството на верзиите наменети за европскиот пазар ќе стартува во октомври 2010, додека продажбата на Стариот континент треба да стартува кон крајот на 2010, или на почеток на 2011.
|