Во една заедничка изјава производителите на автомобили од
Германија кои се борат во шампионатот за конструктори во Формула 1 го осудија
актот на Мозли и го нарекоа „срамен”.
Осудата дојде и покрај негирањето на Мозли дека во неговиот
„излет” со проституките немало елементи на нацистичко однесување.
„Содржината на публикацијата е срамна. Како компанија се
оградуваме да даваме било какви коментари. Овој инцидент е проблем на Макс
Мозли и се однесува на неговиот живот како приватен така и како претседател на FIA глобална
организација кој ги обединува автоклубовите од цел свет. Поради тоа
последиците од еден ваков акт досегаат многу пошироко и не се ограниени само
на светот на мотоспортот. Очекуваме
одговор од релевантните тела на FIA,” велат во својата
изјава BMW и Mercedes.
Осудата што доаѓа од Германија коницидира со писмото што
принцот на Бахреин лично му го упатил на Мозли, а се однесува на претстојниот
тркачки викенд.
Шеикот Салман Бин Хамад Ал-Калифа му пишал на претседателот
на FIA дека во моментов не е добредојден во неговото царство: „Со големо
жалење сметам дека под околостите што владеат во моментов вашето присуство во
Бахреин би било недолично.”
Писмото уследило бидејќи Мозли требало да отпатува за
Бахреин заради трката во Формула 1 и да присуствува на вечера организирана од
страна на шеикот Ал-Калифа.
Осуди доаѓаат и од другите производители. Иако Мозли се
потруди да даде свое гледиште на работите изјавувајќи дека е
разочаран од осудата: „Со оглед на историското минато на BMW и Mercedes
посебно пред почетокот на Втората светска војна, разбирам зошто тие го
осудуваат прикажаното недолично однесување, пред се поради објавените
нацистички елементи во репортажата на News of the World.”
„За жал тие не се потрудија да ме контактираат и да
дознаат дали објавената содржина е вистина пред да го кажат својот став. Секако
FIA мора да им одговори на барањето,” коментира Мозли.
Меѓутоа неговиот проблем е што BMW и Mercedes и шеикот
на Бахреин не се единствените што го осудуваат за овој антисемитски акт. Тука
се и јапонските производители Toyota и Honda.
„Toyota Motorsport неможе да
одобри ниту едно недолично однесување кое може да и нанесе огромна штета на
Формула 1 и да го уништи нејзиниот имиџ, посебно однесување кое може да се
толкува како расистичко или антисемитско,” вели во својата изјава тимот на Toyota
во Формула 1 и додава: „Кога се познати сите факти околу нечие однесување FIA е таа која
треба да одлучи дали Макс Мозли ги исполнува моралните норми кои доаѓаат со
позицијата претседател на FIA.”
Слична реакција доаѓа и од таборот на Honda која
искажува загриженост за реакцијата на своите акционери, но и акционерите во
Формула 1 воопшто поради нарушениот имиџ на спортот.
„Ние бараме FIA да ја земе предвид
сета оваа работа и внимателно да ја разгледа и да донесе одлука што побрзо во
интерес на Формула 1 и во интерес на мотоспортот,” заклучува во својата изјава тимот
на Honda.
|