|
Точно една година откако Bentley го претстави своето најмоќно и најбрзо купе Continental Supersports пристигнува најавената отворена верзија Continental Supersports Convertible.

Според одговорните во Bentley ова е најбрзиот кабриолет на светот кој нуди четири места за седење и кој подеднакво може да работи и на бензин и на етанол или Е85, или пак, на комбинација од двете горива.
Под хаубата како и кај Continental Supersports Coupe работи 6.0 литарскиот W12 кој произведува моќни 630 КС при 6.000 врт/мин и максимален вртежен момент од мрсни 800 Nm расположиви од 1.700 до 5.600 врт/мин.
Снагата се пренесува на сите четири тркала преку 6 степениот автоматски менувач на ZF наречен Quickshift кој ги преполовува времињата потребни за префрлање од еден во друг степен на пренос.
Погонот на четири тркала 40% од вртежниот момент испраќа на предните тркала, а 60% проценти на задните тркала. Распределбата на вртежниот момент предна/задна оска 40:60 помага во подобрување на динамичките карактериcтики посебно во свијоци.
Подобрувања има насекаде и сите се наследени од купето и опфаќаат олеснети компоненти, модификувана суспензија и подебели стабилизатори, подобрен систем за управување кој нуди уште поголема прецизност во однос на GT Speed.
Возните својства кај Continental Supersports Convertible дополнително профитираат од лесните карбон-керамички диск сопирачки, но и од пошироката трага кој се препознава по надуваните задни крила и посебно поддесен систем за електронска контрола на стабилноста.
Continental Supersports Convertible стои на леснометални бандажи од 20 инчи обуени во гуми на Pirelli, Ultra High Performance со димензии 275/35 ZR задолжени да го држат на пат колосот кој до 100 km/h забрзува за 4,2 секунди, до 160 km/h за 9,5 секунди и оди до максимална брзина од 325 km/h.
За разлика од купето кое е предвидено во луксузот и преформансите на Continental Supersports да уживаат само возачот и совозачот во Continental Supersports Convertible можат да уживаат уште двајца патници.
Внатрешноста е обложена со кожа и украсена со детали од карбон-фибер. Сите четири патници седат во спортски седишта со изразенаи страници за подобро држење на телото додека Continental Supersports Convertible бришка низ свијоци.
Светската премиера е закажана за салонот во Женева. Тогаш ќе се дознае и цената на Continental Supersports Convertible.
|