|
Погодувате! Едно вакво чудовиште може да доаѓа само до Brabus и е тјунерски подвиг направен на основата на Mercedes Класа Е Coupe способен за брзини на кои обичниот човек добива вртоглавица.

Уште на прв поглед автомобилот кој настапува под полно име Brabus E V12 Coupe влева стравопочит и во Женева е претставен како најбрзиот и најмоќниот Gran Tourismo на светот со 2+2 места за седење.
Под хаубата на силеџијава работи модификуваниот 5.5 литарски дванаесет цилиндарец познат под името SV12 R Biturbo 800 кому зафатнинатa му е зголемена на 6.3 литри, а снагата му е подигната на 800 КС.
Brabus E V12 Coupe е продолжување на темата Црниот Принц под која беше претставен најмоќниот и најбрзиот седан Класата Е на Mercedes. Имено техничките решенија кои ги користи таа во целост се пренесени и важат и за новото купе, а нив можете да ги прочитате тука.
Сепак на кусо да потсетиме. 6.3 литарскиот SV12 R Biturbo 800 произведува 800 КС при 5.500 врт/мин и максимален вртежен момент од 1.420 Nm расположиви од ниски 2.100 врт/мин и електронски ограничени на 1.100 Nm заради штедење на трансмисијата.
Оваа биковкса снага се пренесува на задните тркала преку зајакнатиот пет степен автоматски менувач и високоперформансниот самоблокирачки диференцијал развиен специјално од инженерите на Brabus.
Перформансите се следни 3,7 секунди до 100 km/h, 9,9 секунди до 200 km/h, 23,9 секунди до 300 km/h и максимална брзина од електронски ограничени 350 km/h. Без лимитатор Brabus E V12 Coupe е спосбен за преку 370 km/h.
Покрај моќниот мотор и спортското подвозје кое се поддесува голема заслуга за вртоглавите перформанси има и врвната аеродинамика со аеродинамички елементи развиени во воздушен тунел и изработени од карбон-фибер.
Според инженерите китот на Brabus E V12 Coupe комбинира спортски дизајн и перфектна аеродинамичка ефикасност. Специјалните задни крила од карбон-фибер му додаваат на купето и 60 mm во ширина проширувајќи ја воедно трагата поради што се добива на стабилност.
За сопирање се грижат вентилирачки и желебени дискови. Напред со димензии 380х37 mm кои ги зафаќаат 12 клипни сопирачки клешти и назад 360х28 mm кои ги зафаќаат 6 клипни сопирачки клешти.
Brabus E V12 Coupe и неговите 1.850 kg стојат на леснометални бандажи од 19 инчи обуени во гуми на Pirelli или Yokohma со димензии 265/30 напред и 285/30 назад.
Уредувањето на внатрешноста се крои според желбите на клиентот, а цената стартува од 478.000 евра нето.
|