Get Adobe Flash player
Nissan 370 Z на дланка
26.11.2008
nissan-370-z-1.jpgNissan прв пат ги објави фотографиите придружени со малку детали на новиот 370 Z пред неполн месец. Сега го претставува својот тркач во целост заедно со ценaтa.

Како што веќе рековме ова е првиот комплетен редизајн на иконата на Nissan, моделот Z, по неговото претставување во 2003 и токму поради тоа скоро секој дел од автомобилот е сменет и доработен. Односно се работи за комплетно нов автомобил.

370 Z за разлика од својот претходник 350 Z има подобра патничка кабина со поквалитетни материјали, покусо меѓуоскино растојание, обилно користи лесни материјали за изработка на каросеријата, носи помоќен, поекономичен и почист мотор спарен со седум степен автоматски менувач со можност за менување на степените со палки поставени зад волан.

Кога сме кај менувачите 370 Z се нуди и со уште еден менувач. Станува збор за првиот мануелен шест степен менувач на светот кој има синхронизиран систем што сам додава меѓу гас при менување од повисок во понизок степен на пренос.

Моторот е познатиот наградуван 3.7 литарски V6 од серијата VQ37VHR кој во 370 Z остварува 328 коњски сили и максимален вртежен момент од 366 Nm. Инженерите на Nissan уверуваат дека тој совршено пасува со ново развиениот менувач со систем за меѓу гас.

Функцијата за автоматско додавање меѓу гас, SynchroRevMatch како што ја нарекуваат во Nissan, ги контролира и ги прилагодува вртежите на моторот на ниво кое одговара на одредениот степен на пренос кога се префрла надолу.

Или едноставно додава гас за да се избегне било какво сецкање и трошење на ламелата кога се префла во степен пониско и воедно го подобрува балансот на автомобилот.

Сепак, возачки насторените клиенти кои сакаат да извадат максимум од автомобилот на тркачка патека ќе бидат скептици бидејќи автоматизирањето на меѓу гас ќе оневозможи целосна контрола врз автомобилот.

Но, не треба да се грижат. Во Nissan го предвиделе и овој момент и затоа вградиле копче за исклучување на системот за сите оние што сметаат дека истиот им е непотребен.

Од друга страна пак истата функција кај новиот седум степен автомотаик неможе да се исклучи заради заштита на менувачот и на моторот. Овој менувач дополнително има ограничувач на можноста за префрлање во понизок степен во мануелениот модус кој го штити од евентуални не реални желби на сопственикот.

За да постигнат поголема агилност и да го подобрат лежењето на пат и однесувањето во кратки свијоци инженерите кај 370 Z го скусиле меѓуоскиното растојание за 99 mm, а во исто време ја прошириле трагата за 33 mm во однос на 350 Z.

370 Z сега е покус за 69 mm. Компактните димензии и употребата на лесни материјали заштедиле на тежина, додека во исто време отпорноста на торзиска деформација е зголемена за 30%.

Заштедата на тежина е постигната со користење на алуминиум за хаубата, страничните врати и вратата на багажникот. Дополнително користен е и карбон-фибер за куќиштето на ладилникот и за појачување на задниот браник и отворот на багажникот каде е забележана најголема торзиска деформација.

Потпирањето напред и назад лежи на комплетно нови рамки кои не дозволуваат деформација при големо странично забрзување, слично постигнуваат тјунерите и тркачите со поврзување на предните и задните амортизери со попречен носач.

Дополнително во подот на 370 Z е додадено уште едно структурно зајакнување. Се работи за носач во форма на V кој го намалува попречното свитјување на каросеријата.

Голема работа завршиле и експертите за аеродинамика снижувајќи го коефициентот на отпор на воздух на ниво од Cd 0.30, додека пакетот Sport поради аеродинамичките додатоци нуди уште понизок коефициент од Cd 0.29.

Сериски 370 Z доаѓа со леснометални бандажи од 18 инчи, а за пакетот Sport се обезбедни ковани леснометлани бандажи од 19 инчи обуени во гуми Bridgestone Potenza.

Зад нив се сокриваат сопирачки дискови со пречник од 355 mm напред и 350 mm назад. Обичниот доаѓа со дискови од 320 mm напред и 307 mm назад. И во двете верзии дисковите ги зафаќаат четири клипни алуминиумски клешти напред и дво клипни назад.

Кабината на 370 Z профитира од далеку поквалитетни материјали. Седиштата се преслечени со материјал кој го спречува лизгањето на телото. Како опција се нуди и кожа. Вграден е нов аудио систем од Bose со Bluetooth конекција. Заедно со сателитската навигација која е опција доаѓа и музичка кутија опремена со хард диск од 9,3 GB и интерфејс за iPod.

Nissan 370 Z пристигнува во продажните салони во првиот квартал од 2009, а подоцна се очекува и кабриолетот чиво претставување е веќе најавено. Паралелно со сериската верзија ќе се појави и тјунирана од фабричкиот тјунер на Nissan, Nismo за што веќе пишувавме.

Цената од околу 36.000 евра за основниот модел во Европа е потврдена. Во САД стартот е малку под 30.000, поточно 29.930 долари.


 

 

 

Facebook