Get Adobe Flash player
Nissan Juke инспириран од Qazana
12.02.2010

Nissan официјално го претстави својот нов кросовер Juke пред неговата светска премиера закажана за салонот во Женева. Дизајнот е инспириран од концептот Qazana претставен лани исто така во Женева.

nissan-juke-2010-1

Иако од Nissan уверуваа дека сериската верзија ќе го носи истото име како и концептот, сепак, името Qazana е заменето со Juke. Но затоа дизајнот е идентичен и Juke делува подеднакво футуристички.

Сето она што го напишавме лани за дизајнот на овој модерен кросовер важи и сега. Бидејќи линиите и дизајнерските детали на каросеријата можат да бидат се освен конвенционални.

Надуваните крила, огромните арки над тркалата, грпката во предниот дел на кровот која како да е земена на заем од Boeing 747, тркалезните предни светла поставени високо во браникот и трепкачите и светлата озгора на крилата го прават Juke нестварен. Како излезен од цртан филм.

Ниту внатрешноста може да се нарече конвенционална. Погледот го привлекува централниот гребен кој потсетува на горниот дел од мотоцикл, седиште за двајца споено со резервоар.

На нив се надоврзува масивната централна конзола од прилично мазна арматура која нема непотребни прекршувања. Дури и инструментите се прекриени со стреа која не е излеана во арматурата туку дополнително прицврстена.

Во кабината има пет места за седење. Предните седишта се изведени со силни странични потпори кои го држат телото во свијок, додека задната клупа е класична со три места за седење и можност за преклопување.

Она што личи шик не значи дека е практично. Во случајот на Juke тоа се однесува на багажникот кој прилично настрадал заради ниската линија на кровот и скалестиот задник и има волумен од 251 литри.

Juke го задвижуват три мотори. Бензинец со зафатнина од 1.6 литри, моќност од 117 КС и вртежен момент од 157 Nm е почетокот на понудата, следи трубо дизелот 1.5 dCi со 110 КС и вртежен момент од 240 Nm.

Врвoт од понудата е резервиран за новиот бензинец од 1.6 литри со варијабилно управување на всисните и издувните вентили, директно вбризгување и турбо натполнење кој остварува 190 КС и вртежен момент од 240 Nm.

Снагата од дизелот до предните тркала се пренесува преку 6 степен мануелен менувач. Послабиот бензинец исто така снагата ја испраќа до предната оска но преку 5 степен мануелен менувач или новиот автоматски менувач со континуиран варијабилен пренос CVT кого во Nissan го нарекуваат Xtronic.

Најмоќниот бензинец во верзијата со погон напред користи 6 степен мануелен менувач, а во верзијата со погон на четири тркала го користи Xtronic менувачот со модус за мануелно менување на преодредени 6 степени на пренос.

Погонот на четири тркала доаѓа исклучиво со најмоќниот бензинец и Xtronic менувач. Тој е сосема ново дело на инженерите на Nissan со електронски контолирана централна виско спојка која во свијоци поголемиот дел од вртежниот момент го испраќа кон задните тркала со што го намалува подуправувањето и ја зголемува агилноста на Juke. Слична финта користи и BMW за xDrive.

Nissan Juke е мал кросовер и како главни конкуренти ќе ги има Dacia Duster и Mitsubishi ASX. Во должина мери 4.135 mm, широк е 1.765 mm, а висок е 1.570 mm.

Меѓуоскиното растојание е растегнато на 2.530 mm со траг од 1.525 mm кој на Јuke му овозможува лесно да носи гуми 215/55 поставени на леснометални бандажи од 17 инчи кои доаѓаат сериски од основната верзија.

Заради футуристичкиот дизајн и мускулестите форми во Nissan очекуваат да привлечат млада публика. Половина од клиентите би требало да бидат на возраст под 40 години. Две третини од публиката би била од машки пол, додека една третина жени.

Комерцијализацијата се очекува да стартува наскоро по премиерата во Женева каде ќе бидат објавени и цените.

 

 

 

Facebook