|
По многу бројните критики од Nissan гордо најавуваат дека од месец септември конечно под хаубата на нивниот шик кросовер Murano ќе забрмчи дизел мотор кој ќе се нуди на пазарите во Европа.

Секако од Nissan не сакаат да си поигруваат со имиџот на својот кросовер и затоа му поклонуваат 2.5 литарски трубо дизел кој истискува моќни 190 КС и импресивен вртежен момент од 450 Nm при 2.000 врт/мин.
Станува збор за комплетно ревидирана верзии на познатиот четирицилиндричен турбо дизел на Renault од 2.5 литри. Дизелот вртежниот момент до сите четири тркала го пренесува преку 6 степен автоматски менувач.
Со овој мотор Murano 2.5 dCi во просек троши 8,0 L/100 km и има емисија на СО2 од 210 g/km, а воедно ги задоволува и нормите Euro 5. Од надвор дизелскиот Murano се препознава по новата маска и новиот браник.
Измените во дизајнот на маската и браникот се направени заради потребите од поголем доток на воздух за ладење на моторот, но и за вшмукување на свеж воздух за да се нахранат цилиндрите.
Покрај измените на предната маска која сега делува уште поагресивно и на браникот дизајнерите на Nissan ги смениле и предните светла за магла, а инженерите за акустика поставиле подебели материјали за абсорција на звукот кого го произведува големиот дизел.
И Murano 2.5 dCi ја следи практиката на Nissan богато да ги опремува своите премиум модели. Па така во Murano e инсталиран премиум аудио систем од Bose со 11 звучници проектиран посебно за него.
Понатаму тука е и централниот touch – screen дисплеј од 7 инчи на кого системот за навигација со хард диск од 9,3 Gb ги прикажува посакуваните рути, информациите од аудиото, DVD читачот, камерата за возење во рикверц, а тука сe и USB порт и Bluetooth.
Nissan сериски го поставува Murano 2.5 dCi на леснометални бандажи од 18 инчи, а по желба клиентот може да ги надгради до грдосии од 20 инчи. Сериски се и биксенон светлата и електрично склопливите задни седишта.
Цената е објавена само за во Велика Британија каде е заокружена на 37.795 фунти, а во Nissan очекуваат дека на дизелот ќе отпадне 90% од продажбата на Murano во Европа.
|