|
Неполн месец по објавените фотографии и информации за CR-Z од каталогот наменет за дилерите од каде ги дознавме основните технички детали за новото купе на Honda сега доаѓаат нови.

Се работи за фотографии направени од видеото снимено во Јапонија кое е наменето да се врти во продажните салони на Honda. Без оглед што квалитетот на фотографиите е лош, сепак и од нив се откриваат значајни детали.
На нив јасно се гледа дизајнот на арматурата, детали од таблата со дигитални инструменти, дел од централниот гребен со рачката од менувачот и копчињата за изборот на модусот на работа на хибридниот погон на CR-Z.
Тука се и копчињата за управување со надворешните ретровизори и копчето за исклучување на електронската контрола на пролизгување.
За првпат ги дознаваме и димензиите на CR-Z која многумина ја сметаат за наследник на напрежалениот малечок спортист на Honda, CRX.
Honda CR-Z во должина мери 4.080 mm, широка е 1.740 mm, висока 1.395 mm, a меѓуоскиното растојание изнесува 2.436 mm.
Сериската верзија на Honda CR-Z која со продажба стартува во февруари се очекува да биде прикажана на салонот во Детроит.
|