|
Минатата седмица ја најавивме спортската верзија на премиум малиот хечбек на Citroen, DS3 која ќе биде претставена на салонот во Женева. Сега следат нови информации кои откpиваат уште детали.

Најверојатно до името на DS3 нема да стои наставката Racing која ја означува суштината на неговото постоење туку само кратенката R. Се очекува полното име на луксузниот мал спортист на Citroen ќе гласи DS-R.
Како што пишувавме претходно под хаубата ќе работи 1.6 литарскиот турбо бензинец со 210 КС. Снагата до предните тркала ќе се пренесува мануелен менувач со шест степени на пренос, а во игра е и самоблокирачки диференцијал.
Погонската спрега треба да му овозможи на DS-R да спринтува до 100 km/h за 6,8 секунди, додека максималната брзина би била преку 220 km/h. DS-R носи модификувана суспензија која го приближува до подлогата за 15 mm.
Амортизерите ги испорачуваат француските експерти од Bos чие долгогодишно учество во мотоспортот и трите победи на Дакар со Mitsubishi Pajero се одлично уверување дека DS-R ќе го зграпчува асфалтот како чичка волна.
Дополнителни решенија кои ќе придонесат за одлични динамички карактеристики се и насочувачот на воздух сместен во подножјето на предниот браник, рамниот панел под подот и функционалниот дифузор во задниот браник.
За сега толку. Но!
Вредно е да се спомене дека со сите овие подобрувања, користење на врвни компоненти за шасијата и лимитирана продукција Citroen DS-R сигурно нема да биде евтин автомобил. Се очекува цена од околу 25.000 евра.
|