Get Adobe Flash player

Новиот Land Cruiser во Македонија
27.11.2009

По речиси 60 години незапирлив прогрес продолжува авантурата на Land Cruiser кој сега нуди уште поголем комфор, моќност и возни каратеристики како на отворен пат така и на терен.

toyota-land-cruiser-mkd-1

Легендата пристигна во Македонија. Гледајќи наназад во изминатите 60 години, Toyota ja поистоветува историјата на марката со историјата на Land Cruiser. Неуништливиот теренец кој газел и гази по на сите седум континенти на светот вклучувајќи го и Антарктикот успеал да ја доведе компанијата до експанзија.

Како најпродавано возило со погон на четири тркала на светот, Land Cruiser успеал да придобие пет милиони купувачи во 176 држави од неговото лансирање досега. Toyota очекува оваа бројка да се зголеми на 188 држави по лансирањето на новата генерација на Land Cruiser.

Со наследство кое датира повеќе од половина век и поставено на плеќите на издржливоста Land Cruiser имаат изградено репутација на неуништлив. Секако новото време носи и нови технологии кои се тука за да ја поткрепат солидната механичка основа на легендарниот Land Cuiser.

Технологија е таа која и на пат и на терен најтешките предизвици ги претвора во лесно решливи задачи. Таа е задолжена за да врши надзор на погонот на четири тркала, начинот на кој снагата се испорачува кон подлогата и да ги управува со двата моќни мотори.

Помоќниот атмосферски бензинец V6 со Dual VVT-i технологија на управување со вентилите кој успева од 4.0 литри да извади 282 КС и максимален вртежен момент од 387 Nm и да му овозможи на колосот да вози со максимални 180 km/h и да забрзува до темпо 100 за 9,2 секунди.

Послабиот е линиски четири цилиндричен турбо дизел од 3.0 литри кој остварува 173 КС при ниски 3.400 врт/мин и максимален вртежен момент од 410 Nm расположиви од 1.600 до 2.800 врт/мин.

Со помош на турбо дизелот Land Cruiser до 100 km/h стигнува за 11,7 секунди и да оди до максимална брзина од 175 km/h. Toyota наведува дека со овој мотор и мануелен 6 степен менувач Land Cruiser во просек троши 8,1 литри, додека со пет степениот автоматик потрошувачката во просек е повисока за 0,5 литри на 100 km.

Убави бројки за колос долг 4.760 mm, широк 1.885 mm, висок 1.845 mm и тежок преку 2 тони. Или должина од 4.485 mm и висина од 1.830 mm ако се работи за верзијата со три врати која стои на располагање само за одделни пазари.

Toyota гарантира лесно и удобно патување со Land Cruiser без оглед на условите на возење благодарение на низа системи кои вршат постојан надзор и управуваат со возната динамика како KDSS кинетичкиот систем за контрола на суспензијата, постојан погон на 4 тркала, мулти-теренскиот монитор, дисплејот за аголот на свртување на предните тркала, контрола при многу бавно возење, систем за помош при спуштање низ надолнини, систем за помош при тргнување на нагорнини и мулти-терен селект.

Kinetic Dynamic Suspension System - KDSS

Електронски прилагодлива хидраулична суспензија која ја зголемува стабилноста и комофорот на пат и артикулацијата на оските на терен. Станува збор за систем кој ги поврзува предниот и задниот стабилизатор со хидраулика и овозможува контрола на притисокот во системот во зависност од оптоварувањето. Што значи тоа? Во свијок кога каросеријата почнува да се навалува вентилите за проток на хидрауликата се затвораат по што стабилизаторите стануваат ригидни и го сопираат навалувањето. Односно во услови на возење на пат електрониката ги отвора и затвора вентилите обезбедувајќи максимален комфор и стабилност. На терен системот ги исклучува вентилите овозможувајќи слободен проток на хидрауликата низ системот. Така стабилизаторите условно се откачуваат и дозволуваат голема артикулација на оските.

Multi Terrain Monitor - MTM

Oвозможува целосен преглед околу возилото. На терен доаѓате до срт од каде почнува стрмина и немате прегледност или сте наишле на непрегледен свијок. Со  помош на четири камери две од страна и по една напред и назад ја согледувате  ситуацијата на 4,2 инчниот LCD без потреба да излегувате од возилото.

CRAWL Control

Системот за лазење при возење на терен се користи за совладување на тешки теренски предизвици. CRAWL автоматски ја контролира работата на моторот, сам додава гас и го одзема и ја контролира брзината на движење на тркалата со помош на сопирачките и не дозволува нивно блокирање преку системот ABS. На овој начин CRАWL ја подобрува тракцијата и го минимизира пролизгувањето овозможувајќи совладување и на лизгави и стрмни препреки. Воедно го спречува оштетувањето на подот на возилото од прекумерно прскање на чакал и удари од исфрлени камења. И сето ова функционира без да се допираат педалот од сопирачката и педлаот за гас. Се што треба да направи возачот е да го притисне копчето CRAWL и да управува со воланот.

Multi Terrain Select MTS

Системот ја оптимизира тракцијата при возење на терен преку директна контрола на вртежниот момент што го испорачува моторот додека возачот притиска врз педалот за гас, воедно системот ABS автоматски го поддесува делувањето и силата на сопирање во зависност од теренот и обезбедува оптимално сопирање со спречување на пролизгувањето. Оптималното делување на системот се обезбедува преку избирање на еден од петте соодветни модуси на делување: Mud&Sand – за кал и песок и друг вид на мека подлога, Loose Rock – за големи нестабилни камења, чакал и возење по ридови, Mogul or Rock – испакнатини и нерамен терен или карпи. Воедно системот е поддржан од т.н. мултитеренски монитор преку кого возачот директно го следи прогресот на возилото и насоката на движење.

Steering angle display

Овозможува приказ на аголот на свртување на предните тркала на дисплеј. Ова е од голема помош при возење на терен. Посебно кога се вози преку кал или друга лизгава подлога на голема косина кога одредувањето на аголот на свртеноста на предните тркала е многу тешко. Понекогаш заради лизгавиот терен се случува возилото да оди право без оглед што тркалата се свртени и кога ќе се стигне до подлога која нуди подобра тркација следи изненадување за возачот. За да се избегнат несаканите ситуации со вклучување на системот Multi Terrain Select автоматски на централниот дисплеј се појавува приказ на возилото со аголот на свртеност на предните тркала.

Техниката не е единствената предност на новиот Land Cruiser. Според комфорот што го нуди во кабината, нивото на опременост и квалитетот на материјалите новиот Land Cruiser, како што се перчат во Toyota, го надминува Lexus RX.

Land Cruiser доаѓа во три нивоа на опременост Executivе, Luxury и Luxury Premium по цени од 55.200, 63.200 и 66.200 европски банкноти.

 
Get Adobe Flash player