Продажбата на новиот седан на Seat, Exeo стартува
на пролет следната година прво во земјите од Западна Европа, а
следствено продажбата ќе се шири и во остатокот од Европа.
Без оглед што до стартот на продажбата има шест месеци во
Германија веќе се познати цените за Exeo. Во салоните во
Германија пристигнува во април 2009 и ќе се нуди по цена од 21.990
до 28.990 евра во зависност од моделската изведба.
Во Март на салонот во Женева ќе биде претставена и комби
верзијата на Exeo чива комерцијализација на европскиот пазар ќе започне на
есен 2009. Во Seat полагаат голема надеж во овој модел без оглед на фактот што направен на основата на претходната генерација на Audi
A4.
Под хаубата на основната верзија на седан изведбата, која ќе се
нуди по цена од 21.990 евра, работи 1.6 литарскиот бензинец со моќност од 102
коњски сили. Овој модел сериски доаѓа опремен со предни и странични воздушни
перници, воздушни завеси и воздушна перница за колената на возачот.
Важен дел од опремата е сериската електронска контрола на стабилност ESP, двозонскиот автоматски клима уред, радио со CD + МР3,
електрика на стакла и ретровизори, леснометални бандажи...
Најмоќниот Seat Exeo ќе го задвижува
2.0 литарскиот турбо бензинец TFSI на VW, кој остварува 200 коњски сили и максимален вртежен
момент од 280 Nm. Ова воедно е најскапиот модел и неговата цена во
Германија ќе изнесува 28.990 евра.
Exeo во должина мери 4.661 mm, широк е 1.772
mm и висок е 1.430 mm. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.642 mm,
багажникот има волумен од 460 литри, а резервоарот за гориво 70 литри.
Exeo е единствениот модел на Seat со напред
надолжно поставен мотор, конструкција која го олеснува вградувањето на погон на
четири тркала. Но, сеуште е неизвесно дали покрај верзијата со погон напред, Exeo ќе се нуди
и како Quattro.
|