|
Едно од главните транспортни средства на прочуената француска Легија на странците покрај воените задачи ќе ги извршува и цивилните и ќе ги исполнува желбите на приватните сопственици.

Станува збор за теренското возило Sherpa2 кое го произведува одделот за камиони и воени возила на Renault. Иако на прв поглед личи како копија на американскиот Hummer, Sherpa2 е далеку од тоа.
Renault до сега меѓу цивилните возила немал особено голем успех на полето на теренците затоа одлучи да го следи примерот на американците кои HMMWV M998 го претворија во Hummer H1.
Високите оценки од Француската Армија и од Легијата на странците го охрабрија Renault да ја создаде цивилната верзија на Sherpa2 и да ги задоволи и обичните купувачи кои имаат потреба од еден ваков тврдокорен теренц.
За да ја докаже сестраноста на Sherpa2, Renault го испрати на релито Дакар и на патешествието „Cape to Cape” или од „`Рт до `Рт”, долго 30.000 km, кое се вози од Северниот `рт во Норвешка до `ртот Добра надеж во Јужна Африка.
Според врежаните мислења овие `ртови важат за најсеверната точка на Европа и најјужната точка на Африка, и, иако современата географија вели дека не е така верувањето останало.

Токму на овие два настани Shepra2 ја потврди цврстата градба. Поставен на шасија од челични профили носи отпорна механика која не откажува и може да се носи со секаков вид на терен.
Вози низ вода до длабочина од 1.100 mm има клиренс под оските од 380 mm и клиренс под шасијата од 630 mm, аголот на пристап изнесува 70˚, аголот на напуштање 50˚ и совладува косина од 45˚.
Под хауба работи четири цилиндричен турбо дизел со директно вшприцување од 4.76 литри кој испорачува 215 КС при 2.300 врт/мин и камионски вртежен момент од 800 Nm меѓу 1.200 и 1.700 врт/мин.
Вртежниот момент преку автоматски менувач со шест степени на пренос, редуктор со сооднос 1:2,5 и централен диференцијал со заклучување се пренесува постојано на сите четири тркала.
Дополнително секоја оска има диференцијал со заклучување и секоја оска има редуктори на погонските вратила во главчните на тркалата кои ја зголемуваат влечната сила и овозможуваат возилото да има поголем клиренс и рамен стомак.

Потпирањето е независно на сите четири тркала и решено е со напречни водилки и амортизери со гас и масло со посебен резервоар вметнати во спирални пружини. Сопирачките се дискови на сите тркала.
Гумите се камионски со димензии 13R22,5 и можат да се пумпаат или издишуваат за време на возење од кабината преку пневматски систем интегриран во главчините кој воедно користи и за заклучување на диференцијалите.
Овој незаприлив теренец тежок 5.400 kg може да носи терет до 2.200 kg и да вози со максимални 120 km/h, а кога вози со постојани 75 km/h резервоарот од 180 литри му овозможува автономија од 900 километри.
|